Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара прошка од луѓето во областите тешко погодени од неодамнешниот земјотрес, додека во јавноста и натаму постои гнев поради владиниот одговор на катастрофата, која однесе повеќе од 50.000 животи во Турција и Сирија.
При денешната посета на Адијаман, Ердоган кажа дека тресењата и лошото време придонеле спасувачките напори да не се одвиваат како што сакале.
„Затоа, барам прошка од вас“, рече Ердоган.
Нов, помал земјотрес денеска ја погоди Турција, при што загина најмалку едно лице, а над 100 се повредени во Малатија, северно од Адијаман. Од двата моќни земјотреса на 6 февруари, регистрирани се уште четири земјотреси и 45 афтершокови со магнитуда од 5-6 степени според Рихтеровата скала. Светската банка процени дека земјотресите предизвикале штета од околу 34 милијарди долари во Турција, но цената на обновата би можела да биде и двојно поголема.
Ердоган, кој ќе бара нов мандат на изборите во јуни, посети некои од погодените подрачја. Во Адијаман, некои локални жители ја критикуваа власта за реакцијата по замјотресот.
„Никого не видовме до 14 часот следниот ден по земјотресот. Ни влада, ни војска, ни полиција“, кажа жителот на Адијаман, Мехмет Јилдрим.
Оставка на владата се бараше и на фудбалски натпревари викендов.
Земјотресот остави 1,5 милиони луѓе без дом, а има и недостиг на шатори за преживеаните. Само во Турција се уништени 160.000 згради со 520.000 станови.