Брисел конечно го објави целосниот текст на европскиот план за нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово, кој предвидува и меѓусебно признавање документи и национални симболи, отворање постојани мисии во двете земји и меѓусебно почитување на независноста и територијалниот интегритет. Некои српски аналитичари сметаат дека прифаќањето на овој план значи признавање на независноста на Косово.
„По тешката и успешна борба во Брисел, се изборивме за мирна иднина на Србија и за продолжување на инвестициите. Јас и натаму ќе ги чувам заклетвата и уставот на Србија дека Косово и Метохија се дел од Србија. За нас нема друга Србија. Имаме една и ќе ја чуваме и браниме“, кажа Вучиќ.
Тој вчера се сретна со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, по што еврокомесарот Жосеп Борел кажа дека двете страни го прифатиле предлогот за Косово. Курти изјави дека бил подготвен веднаш да го потпише, но другата страна не сакала.
Планот се состои од 11 точки и Вучиќ и Курти се согласиле со негово целосно објавување зашто веќе не се потребни нови разговори. Членот 1 вели дека двете страни ќе развиваат нормални, меѓусоседски односи и ќе си ги признаат пасошите, дипломите, регистарските таблици и царинските печати.
„Двете страни ќе се раководат од целите и принципите поставени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние за суверената рамноправност на сите држави, почитувањето на нивните независност, автономија и територијален интегритет и за правото на самоопределување“, стои во членот 2.
Од Србија се бара да не се противи на членството на Косово во која било меѓународна организација, а двете страни нема меѓусебно да го блокираат напредокот на другиот кон ЕУ.
Вучиќ најави дека следната средба со Курти ќе ја има на 18 март во Македонија, кога Борел ќе биде во посета на регионот.