Улицата Козара во скопски Капиштец повторно ќе се асфалтира, бидејќи е несоодветно изведена. Ова е трето асфалтирање на улицата која изминативе неколку години е постојано раскопана поради големиот број нови згради кои се градат.
Изведувачот, фирмата „Гама градба“, најпрво летоска при поставување на првиот слој асфалт ги асфалтираше и шахтите. По реакцијата на жителите, го корнеше асфалтот. Потоа, во ноември беше поставен втор слој долж целата улица. Но, само две недели по асфалтирањето фирмата по налог на Општината почна да го корне асфалтот оти улицата беше несоодветно изведена.
Сега Козара пак е со дупки и распукан асфалт и изведувачот одново ќе треба да ја прави.
„Општина Центар неколку пати досега информираше дека поради асфалтирање во лоши временски услови и ниски температури дојде до оштетување на асфалтот, кој ќе биде заменет. За грешките настанати при изведбата, изведувачот сам си ги сноси трошоците и нема да му биде исплатено сѐ додека улицата не биде изведена согласно сите постоечки стандарди. Со граѓаните одржани се неколку средби, на кои побаравме разбирање за состојбата, информирани се за пречките во изведбата, дискутирано е за проблемот и истиот ќе се реши во најкус можен рок“, велат од Општина Центар.
Казни за фирмата изведувач нема. Тендерот за реконструкција на Козара чини 130.000 евра.
И покрај неквалитетната изведба, Општина Центар склучи договор со истата фирма „Гама градба“ и за реконструкција на улицата Ленинова во вредност од 670.000 евра.
А. АНТЕВСКА