ГРУЗИСКАТА ВЛАДА ГО ПОВЛЕЧЕ СПОРНИОТ ЗАКОН ЗА СТРАНСКИ АГЕНТИ ПО ДВА ДЕНА НАСИЛНИ ПРОТЕСТИ

    ГРУЗИСКАТА ВЛАДА ГО ПОВЛЕЧЕ СПОРНИОТ ЗАКОН ЗА СТРАНСКИ АГЕНТИ ПО ДВА ДЕНА НАСИЛНИ ПРОТЕСТИДемонстрантите го опишаа законот како авторитарна промена инспирирана од Русија (Фото: ЕПА)

    Владејачката партија во Грузија објави дека го повлекува контроверзниот предлог-закон за странски агенти, што следува по две ноќи насилни протести против она што демонстрантите го опишаа како авторитарна промена инспирирана од Русија. Партијата Грузиски сон кажа дека безусловно го повлекува законот, со цел да се намалат конфронтации во општеството, при што ги осуди „лагите за законот што ги ширеше радикалната опозиција“.

    Со овој закон, сите грузиски организации кои примаат повеќе од 20% од своите средства од странство би биле означени како странски агенти или би се соочиле со казни. Грузиски сон претходно кажа дека овој закон е неопходен за да се демаскираат критичарите на Грузиската православна црква, која е една од најмоќните институции во земјата.

    Делегацијата на Европската Унија во Грузија ја пофали одлуката за повлекување на законот и ги охрабри сите политички лидери во земјата да продолжат со проевропските реформи.

    Грузискиот парламент завчера му даде првична поддршка на предлог-законот, при што десетици илјади демонстранти се собраа пред парламентот. Тие се судрија со полицијата, која беше гаѓана со камења, шишиња и бензински бомби. Полицијата возврати со солзавец, шок-бомби и водени топови и уапси 77 луѓе.

    Меѓу противниците на законот беше и претседателката Саломе Зурабишвили, додека владата кажа дека тој бил моделиран според американските закони за странски агенти, кои се на сила од 1930-ите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира