СЀ Е СПОРЕД ЗАКОН, ФИРМИТЕ ЗА НАДЗОР НЕМААТ ЗАБРАНА ДА УЧЕСТВУВААТ НА ТЕНДЕРИ, РЕКОА БОЧВАРСКИ И РУСТЕМИ ЗА АВТОПАТИТЕ ОД 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

    СЀ Е СПОРЕД ЗАКОН, ФИРМИТЕ ЗА НАДЗОР НЕМААТ ЗАБРАНА ДА УЧЕСТВУВААТ НА ТЕНДЕРИ, РЕКОА БОЧВАРСКИ И РУСТЕМИ ЗА АВТОПАТИТЕ ОД 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРАРустеми и Бочварски рекоа дека штом фирмата добила зелено светло од Бирото за јавни набавки нема начин да биде исклучена од тендерската постапка и дека цел процес го спровеле според одредбите на Законот за јавни набавки. (Фото: СДК.МК)

    Постапката за избор на надзорот за изградбата на четирите автопати од 1,3 милијарди евра е спроведена според законските прописи, рекоа на денешниот брифинг министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Ејуп Рустеми. Велат дека фирмите „Евро консалтинг“ и „Ептиса“, кои се дел од конзорциумот предводен од „ИРД инженеринг“, немаат забрана за учество на тендери па поради тоа добиле зелено светло од системот за јавни набавки.

    На фирмата „Евро консалтинг“ основач и сопственик е Бранислав Димитријевиќ, вмешан во корупциски скандал во Ерменија. Фирмата „Ептиса“ добила забрана од државата за ангажирање на градежни надзори поради неетичко и непрофесионално однесување во проектот за изградба на железничката пруга Куманово-Бељаковце, но десет недели потоа Владата ја поништила таа забрана.

    Фирмите немаат никакви забрани за учество на јавни набавки односно испочитувани се сите законски прописи во постапката. Ние не евалуираме акционери, туку компании. Штом фирмата нема добиено негативна референца за досегашната работа не може да биде исклучена од постапката. Сопственик на фирмата ‘Евро консалтинг’, според документите кои се поднесени во постапката, е Зоран Димитријевиќ“, рекоа од комисијата во Државни патишта која работела на тендерот.

    Рустеми и Бочварски рекоа дека штом фирмата добила зелено светло од Бирото за јавни набавки нема начин да биде исклучена од тендерската постапка, односно дека тие цел процес го спровеле според одредбите на Законот за јавни набавки.

    Доколку ние ја исклучевме таа фирма како што вие велите, тогаш тие ќе можеа да поднесат жалба и да ја добијат, бидејќи немаат забрана да учествуваат на тендери. Исто така, другите две фирми поднесоа жалби, но им беа одбиени“, рече Рустеми.

    Двајцата тврдат дека четирите автопати ќе бидат готови за 4 години и 7 месеци, а гарант за тоа е што изведувач е реномираната американска компанија „Бехтел“. Сите делници истовремено ќе се проектираат и градат од „Бехтел и Енка“.

    Ова е нов начин на работа, бидејќи од досегашното искуство кога ние проектиравме па потоа избиравме изведувач немаме добро искуство, имавме проблеми. Значи, ќе имаме клуч на рака. Дополнително ќе се решава експропријацијата. Од трасата 55 отсто е приватно земјиште, а 45 приватно. За експропријација според првичните проценки ќе требаат 230 милиони евра, но таа цена може да биде повисока, со оглед на судските процеси кои ги водат граѓаните сопственици на земјиштето каде минуваат трасите“, рече Рустеми.

    Со договорот од 1,3 милијарди евра се опфатени делниците: автопат Гостивар-Букојчани од 30 километри, кој е и најтешка траса за работа и ќе чини 560 милиони евра, автопат Требениште-Струга-Ќафасан од 22 километри кој ќе чини 360 милиони евра, за автопатот Прилеп-Битола од 40 километри ќе бидат потребни 260 милиони евра, а трета лента на автопатот Тетово-Гостивар од 17 километри ќе чини 125 милиони евра.

    Според Бочварски и Рустеми, на тоа што по изграден километар ова е најскап инфраструктурен проект има влијание постапувањето на цените на материјалите за градба, што довело за 63 отсто да бидат повисоки цените за изградба на еден автопат.

    Градежните работи ќе стартуваат во април и тоа на делниците полесни за изградба, Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола. 

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира