Познатиот јутјубер Јошиказу Хигашитани стана првиот пратеник кој бил избркан од јапонскиот парламент зашто никогаш не се појавил на седница. Хигашитани денеска беше избркан од Сенатот зашто не присуствувал на ниедна парламентарна седница откако беше избран пред седум месеци.
Дисциплинскиот комитет на парламентот му го одзеде пратеничкиот статус поради континуираното отсуство.
Попознат како GaaSyy, Хигашитани се прослави со своите трачерски видеа за славни личности на Јутјуб. Се верува дека тој живее во Обединетите Арапски Емирати.
Исклучувањето е најстрогата казна што може да му се изрече на пратеник. Досега се случило само двапати од 1950-ите, но ова е првпат пратеник да биде избркан поради недоаѓање на седници.
Хигашитани одбивал да доаѓа во парламентот зашто се плашел дека ќе го уапсат поради обвинувањата за измама и клевета, објавија јапонските медиуми.