ОПШТИНА КУМАНОВО СО 50.000 ЕВРА ЌЕ ПОДДРЖИ ПЕТ НЕВЛАДИНИ ПРОЕКТИ ЗА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА НА РАНЛИВИ ГРУПИ

    ОПШТИНА КУМАНОВО СО 50.000 ЕВРА ЌЕ ПОДДРЖИ ПЕТ НЕВЛАДИНИ ПРОЕКТИ ЗА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА НА РАНЛИВИ ГРУПИПоддржан е и проектот за згрижување на децата кои питачат на улиците и крстосниците. (Фото: ДК.МК)

    Општина Куманово годинава ќе потроши 3 милиони денари или околу 50 илјади евра за проекти од социјална заштита за ранливи групи граѓани, кои ќе ги релизираат пет невладини организации од градот. Најмногу средства во висина од 1,4 милиони денари или 23 илјади евра се одвоени за работа на Дневниот центар за лица со попреченост „Порака наша“, 800 илјади денари или 13 илјади евра за невладината организација „Инклузива“, која ќе пружа стручна помош на дефектолог и логопед, 300 илјади денари или 5.000 евра за Црвен крст Куманово за грижа на стари лица во домошни услови, 300.000 денари ќе добие и Центарот за ромска заедница ДРОМ за Центарот за дневен престој на деца од улица, а Хуманитарното здружение „Мајка“ за советувалиште за жени жртви на семејно и родово базирано насилство ќе добие 200 илјади денари или 3.300 евра.

    „Даваме финансиска поддршка која ќе ги потикне здруженијата да ги спроведат нивните социјални услуги. Услугите што овие здруженија и невладини организации ги нудат се бесплатни, со сите општината ќе потпише поединечни договори во однос на обврските кои треба да ги исполнат двете страни, а имаат и обврска до крајот на годината да се лиценцираат“, изјави Александар Крстевски, раководител на Секторот за социјална заштита во Општина Куманово.

    Распределбата беше поддржана од сите присутни советници во Советот на Општина Куманово, но имаше забелешки за висината на издвоените средства.

    „Триста илјади денари за ДРОМ, кој треба да ги тргне децата од улица, а издвоени се скоро 900 илјади денари за изградба на катче за домашни миленичиња. Поддржувам и инвестиции за миленичиња, но сразмерот на средствата ме загрижува, ме буни и не можам да ги отргнам мислите за што се ги даваме парите, а имаме толку големи проблеми што треба да ги решиме, кои горат“, изјави советникот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите.

    Проектот за поддршка на децата на улица е наменет за децата кои питачат на улиците и крстосниците, а предвидува нивно неколкучасовно згрижување и работа на стекнување на хигиенски навики, вклучување во образовниот процес, пишување домашни задачи и друго. Овој проблем беше лоциран како приоритетен за решавање од сите наделжни институции во градот и беше побарано што брзо да се интервенира.

    Финансиските средства наменети за вршење на работи од социјалната заштита на здруженија и други правни лица на територија на Општина Куманово во однос на минатата година се зголемени за еден милион денари, а и интересот на невладините организации и здруженија да се вклучат во овие проекти е поголем во однос на лани.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира