ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ПО ВТОРПАТ ГО ОТКАЧИ ОРЦЕ ОД КРАТОВО КОЈ ИМА ПАРКИНСОНОВА БОЛЕСТ, УПРАВНИОТ СУД ЏАБЕ ДАВАЛ НАСОКИ

ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ПО ВТОРПАТ ГО ОТКАЧИ ОРЦЕ ОД КРАТОВО КОЈ ИМА ПАРКИНСОНОВА БОЛЕСТ, УПРАВНИОТ СУД ЏАБЕ ДАВАЛ НАСОКИИнвалидската пензија на Орце не е доволна во месецот ни кофата да ја наполни со лековите што мора да ги зема, а таксито до Скопје му е 3.600 денари, што во моментов, како што се мачи да каже за да го разбереме – не може да си ги дозволи. - сопружниците Орце и Убавка Димитрови во нивниот дом во Кратово (Фото: СДК.МК)

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) спротивно на одлуката на Управниот суд, по вторпат одби да му одобри средства за лекување во странство на Орце Димитров од Кратово, тешко подвижен пациент со Паркинсонова болест. Иако состојбата му се влошува од час во час, Фондот не ги послуша нашите врвните невролози дека дотука е лечењето во Македонија и оти стимулатор во мозокот мора да му се вгради со оперативен зафат што се прави во странство.

Државата ладно го откачи 55-годишниот Димитров, но веднаш по објавувањето на сторијата во САКАМДАКАЖАМ.МК, се јавија хумани луѓе кои побараа контакт со неговото семејство за да донираат пари и да му помогнат да ја забави некако неизлечивата Паркинсонова болест која му го суши мозокот и веќе му ги одзеде говорот, нозете, движењето.

На сопружниците Орце и Убавка Димитрови во битката со тромавиот административен апарат во ФЗО, бесплатна правна помош им пружа здружението Млади правници. Таму се шокирани од непостапувањето на Фондот по пресудата на Управниот суд, кој му ги отвора очите пред она што го пишале и препорачале невролозите од Универзитетската клиника за неврологија, потоа од болницата „8 Септември“, од здравствените установи каде што Орце се лекува скоро 20 години.

Болеста му е дијагностицирана во 2004 година, на само 38 години. Паркинсонова болест вообичаено се добива по 60-та година од возраста на човекот, но Орце е исклучок, затоа што му е настаната како последица на мозочен удар како на уште порана возраст. Последниве месеци толку прогресира болеста во мозокот, што овој човек со крупна и здрава става, заврши во инвалидска количка.

„Надлежните органи кои одлучуваат по барањето за лекување во странство за Орце Димитров од Кратово, при повторното одлучување не постапиле согласно насоките наведени во Пресудата на Управниот суд на РСМ. Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување пак не извршил сеопфатна оцена на доказите и списите во предметот, односно на целокупната медицинска документација, и пак донел негативно решение идентично на претходното“, вели Андријана Марковска од Македонско здружение на млади правници за случајот на тешко болниот Димитров.

Управниот суд во пресудата побара од надлежните органи покрај целокупната медицинска документација да го имаат предвид и предлогот на Конзилиумот на ЈЗУ УК за неврологија за упатување за лекување во странство и притоа да дадат конкретно мислење во однос на дијагнозата на Орце, а во смисла на стадиумот на болеста и дали се исцрпени можностите за лекување во нашата држава со цел преземање на дејствија за соодветно понатамошно лекување.

„Во решението донесено на 06.03.2023 година Управниот одбор на ФЗО наведува дека го доставил целокупниот предмет до Второстепена лекарска комисија. Комисијата и покрај тоа што наведува дека го имала предвид мислењето од ЈЗУ УК за неврологија во која е наведено дека кај пациентот се исцрпени можностите за лекување во земјата за Паркинсонова болест, носи одлука во која наведува дека според нив конзилиумот препорачал да се направи проценка во специјализиран центар за нарушување на движење, со цел да се процени сегашната состојба и тераписки можноста со длабока мозочна стимулација или континуирана супституција на Леводопа-карбидопа“, забележува незгоден детал и Марковска.

Ниту Управниот одбор на ФЗО, ниту комисијата во решението не дале мислење во однос на дијагнозата и стадиумот на болеста , како и дали се исцрпени можностите за лекување на нашата држава како што е побарано од Управниот суд.

„Надлежните органи не ги имале предвид и не ги цитирале извештаите од Клиниката за неврологија кои се доставени со барањето и повторно со жалбата во кои јасно е наведено дека неговата здравствена состојба следи прогресивно влошување до степен на инвалидизација, поради што предлагаат да се упати на лекување во странство“, реагира соговорничката.

За здружението борбата на Орце за да ја добие можноста да се лекува во странство не завршува. Против ова решение тој повторно ќе поднесе тужба и постапката ќе се води пред Управниот суд.

„Во меѓувреме ако Орце успее да собере парични средства, и покрај тоа што веќе има утврдено дијагноза, тој ќе ја направи таа дијагностичка процедура во странство со цел да не биде пречка Фондот повторно да донесе негативно решение. Како лаици во делот од медицината, јасно ни е дека секој пациент без разлика на каква интервенција е упатен, следат низа испитувања пред тој да подлежи на операција. Но, тоа не треба да биде пречка на пациентот да му се одобри да се лекува во странство на сметка на Фондот, со оглед дека се исцрпени можностите за лекување во државата, и да се напомене дека дијагностичките процедури пред да започне лекувањето ќе бидат на товар на пациентот“, Вели Марковска.

Од Македонското здружение на млади правници Орце ќе добие бесплатна правна помош и во постапката што повторно ќе ја води пред Управен суд. Инвалидската пензија не е доволна во месецот ни кофата да ја наполни со лековите што мора да ги зема, а таксито до Скопје му е 3.600 денари, што во моментов, како што се мачи да каже за да го разбереме – не може да си ги дозволи.

С. К. ДЕЛЕВСКА


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира