Над стотина претставници од 45 институции од трите власти, вклучително и од судската власт, на меѓународна конференција „Сајбер интегритет во јавната администрација”, слушаа експерти и искуства од балканските земји кои во последно време, особено по избивањето на војната во Украина, се подложни на жестоки сајбер напади, речиси секој ден.
Оваа конференција невладината ИМПЕТУС ја организира кај нас по два големи сајбер напада, првиот на системот за јавни набавки, вториот неодамнешен, на Фондот за здравство, што ги парализира тотално овие системи. Но и во време кога со месеци на мејловите на средните училишта пристигнуваат закани за поставени бомби, поради што образовниот систем во школите кои се на постојана мета, е на раб на распаѓање.
Ендру Бренд, раководител на програмскиот тим од амбасадата на Обединетото кралство во Македонија кажа дека под опасност од сајбер нападите е целиот свет, а Кралството е тука да ги помогне во таа борба своите сојузници, меѓу кои е и нашата земја. Сајбер просторот, кажа тој, е простор без граници и сите треба да се вклучат во градење на негова отпорност од нападите.
„Британската влада одвои 6 милијарди фунти за оваа стратегија во Британија, но дел и за сојузниците, веднаш по нападот на Владимир Путин на Украина”, кажа Бренд за еден од најдобро обезбедените системи од сајбер напади, во светот. И оваа конференција е под покровителство на британската Влада, односно Министерство за надворешни работи.
Лилјана Пецова – Илиевска од ИМПЕТУС, е сертифициран стипендист на британската влада за заштита од сајбер напади, а во салата кренаа раце и претставници од нашата администрацијата кои во моментов се на 10-неделната школа за сајбер безбедност.
Целта на овие напади е да се предизвика институциите на една држава да престанат да работат, да функционираат нормално, а кај граѓаните да се рашири страв и паника.
„Ако од хартиена форма преминуваме кон дигитална, а притоа без силна сајбер безбедност, е пат кон сигурна катастрофа!”, предупреди професорот од ФИНКИ и претседател на ИКТ Комората Орце Симов за дигитална трансформација која е во тек.
Државен дата центар, клауд, мора да има, додаде. Приватниот сектор мора да го поддржи процесот, односно домашни компании да го земат овој пазар, тие да го унапредуваат, одржуваат и развиваат во однос на заштитата од ИТ напади и да настапат потоа со овие услуги дури и на странскиот пазар.
До каде се нашите институции во градењето систем на заштита од сајбер напади праша Пецова-Илиевска, а вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска кажа дека мора да изградиме отпорност на општеството од такви напади, а сведоци сме со последниот случај со Фондот за здравство, кога по сајбер напад, десет дена тој остана парализиран, а граѓаните без неопходните услуги, но со загрозена безбедност на личните податоци.
Досегашни мерки на Владата, кажа Грковска, се повеќе обуки со помош на Естонија со ИТ- претставници од институциите и од министерствата, натаму политика на набавка на современи ресурси за заштита од сајбер напади, зашто како што рече тоа не е трошок, туку инвестиција која ќе нè чува сите нас.
„Владата ги задолжи сите институции да ги задолжи сите вработени да се регистрираат и да завршат курс во МКД ЦИРТ (во рамки на Агенцијата за електронски комуникации), кој го имаме како држава, а не го користиме”, кажа Грковска.
Новиот министер за информатичко општество е за дигитализација на јавната администрација во Македонија, но со жалење констатира дека немаме ресурси како држава, за да се заштитиме во тој неизбежен процес на целосна дигитализација.
„Пред три дена стигна физичка пошта, со усб стик во пликото. Колегите: Да го отвориме! Јас: Не, ако не знаеме од каде доаѓа! Ако тоа се случи кај нас во МИОА, можам да замислам како е во останатата администрација”, загрижен е министерот Азир Алиу.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, пак, кажа дека Антикорупциската комисија конечно се поврзува со УЈП, обвинителството, Катастер и со другите институции, а софтверот финално се тестира.
„При неправилно претставување на имотната состојба на функционерите, ќе светнуваат црвени знаменца, со што ќе се олесни и забрза нашата работа во откривањето на нивниот скриен имот”, кажа Ивановска и додаде дека софтверот ќе мора да биде најдобро заштитен, зашто во него ќе има многу важни податоци од повеќе институции.
За Марина Јовановска, истражител за компјутерски криминал во Истражниот центар на ОЈО Скопје, клучна во овие истраги е меѓународната соработка. На присутните административци им кажа да имаат што посложени лозинки за заштита на нивните лични и службени податоци и постојани обуки за т.н. сајбер хигиена.
Ериола Садику која дојде од Албанија чии институции зимава беа цел на долготрајни и опасни сајбер напади од странство, кажа дека безбедноста таму сега се подига на многу повисоко ниво, од наставна програма во училиштата за подигање на свеста, преку обезбедување на банкарските податоци на многу повисоко ниво, до здравствениот систем, каде како што потенцираше, и нема многу обучени кадри и стручњаци, а е најважната алка во општеството.
С. К. ДЕЛЕВСКА