ПОЧИНА СЛАВНАТА ХРВАТСКА ПИСАТЕЛКА ДУБРАВКА УГРЕШИЌ

    ПОЧИНА СЛАВНАТА ХРВАТСКА ПИСАТЕЛКА ДУБРАВКА УГРЕШИЌСветските медиуми ја споменуваа Угрешиќ како една од потенцијалните добитници на Нобеловата награда. (Фото: Пикссел)

    Хрватската писателка Дубравка Угрешиќ почина во Амстердам на 73 години опкружена со пријателите и семејството, соопшти денеска Загрепскиот мултимедијален институт. Угрешиќ беше една од најистакнатите хрватски и европски писателки и есеистки.

    Нејзини најпознати дела се „Шефица Цвек во челустите на животот“, „Култура на лаги“, „Музеј на безусловно предавање“, „Баба Јага снесе јајце“, „Лисицата“ и во неколку наврати светските медиуми ја споменуваа како една од потенцијалните добитници на Нобеловата награда.

    Изложена на јавен прогон и медиумско малтретирање, таа ја напушти Хрватска во 1993 и секогаш се позиционираше како транснационална или постнационална писателка и се залагаше за правото на авторите да не ги признаваат и почитуваат етничките и националните граници. Во егзил, кој на крајот стана емиграција, нејзините книги беа преведени на многу јазици.

    Предавала на неколку американски и европски универзитети, меѓу кои Харвард, УКЛА, Колумбија и Слободниот универзитет во Берлин. Добитничка е на значајни книжевни награди. меѓу другите, НИН и меѓународната награда за литература Нојштад.

    Лани Угрешиќ беше лауреатка на книжевниот фестивал „Друга приказна“ во Скопје, а во видеоразговорот со македонската писателка Румена Бужаровска таа зборуваше за своето творештво и општествен ангажман. За вонредните остварувања на Угрешиќ во експерименталната проза говореа писателот Гоце Смилевски, книжевната теоретичарка Мерима Омерагиќ и книжевната критичарка Ирена Јовановиќ. Промовирани беа и две нови македонски изданија на Угрешиќ, најновата книга „Нарилник за вештерки“ и нејзиниот, можеби најпознат роман, „Штефица Цвек во челустите на животот“, во коиздание на Темплум, Контрапункт и МАМА Загреб.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира