ГРЧКИОТ СУД ЈА ПОТВРДИ РЕГИСТРАЦИЈАТА НА ЦЕНТАРОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ГРЦИЈА

    ГРЧКИОТ СУД ЈА ПОТВРДИ РЕГИСТРАЦИЈАТА НА ЦЕНТАРОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ГРЦИЈАСудот во Лерин официјално одби повеќе тужби кои бараа поништување на првичната одлука со која беше одобрена регистрацијата на Центарот. (Фото: Принтскрин од интернет-страницата на Центарот)

    Центарот за македонски јазик во Грција соопшти дека Основниот суд во Лерин, во две посебни одлуки, официјално одби повеќе тужби кои бараа поништување на првичната одлука со која беше одобрена неговата регистрација. Од Центарот велат дека лани на 27 јули, барањето за регистрација на Центарот за македонски јазик како невладина организација беше одобрено од грчкиот суд, со што стана првата организација која директно се грижи за македонскиот јазик регистрирана и призната како таква од грчките државни органи.

    Сепак, веднаш по одлуката, до Судот во Лерин беа доставени повеќе тужби од „трети заинтересирани страни” за поништување на првичната одлука за регистрација. Како подносители на таквите барања се појавија неколку екстремнодесничарски организации и политички партии во Грција, додека едно од барањето беше поднесено лично од јавниот обвинител на територијата на Леринската околија.

    „Првото од судењата беше одржано годинава на 16 февруари. Центарот за македонски јазик ги претстави своите аргументи пред Судот, меѓу другото и со презентирање на докази за признавањето на македонскиот јазик од страна на грчката државата пред повеќе од еден век. Со историските одлуки од 16 март 2023 година, Основниот суд на Лерин ги одби барањето/тужбата на околискиот јавен обвинител, барањата поднесени од ‘Панмакедонскиот сојуз на македонската борба Грција-Австралија’ и ‘Панхеленското здружение на потомците на македономахите – Павлос Мелас’, како и оние поднесени од ‘Здружението за одбрана на Македонија и Тракија’, ‘Друштвото за македонски студии’, “Здружението Аристотел’, ‘Здружението на пензионирани армиски офицери’ и „Регионот Западна Македонија“. Барања биле одбиени како неосновани, додека еден дел од нив биле квалификувани и како целосно неприфатливи. Со тоа, Центарот за македонски јазик во Грција останува законски регистрирана невладина организација во државата, соопшти Центарот.

    Од Центарот вела дека се задоволни што после децениска борба, македонскоговорното население во Грција се соочува со позитивен судски исход во однос на неговите легитимни барања.

    „Правото на слободно здружување конечно е достапно и уважено во однос на организација за подршка на македонскиот јазик. Веруваме дека сега е време ова човеково право (загарантирано со член 12 од Уставот на Грција и член 11 од Европската конвенција за човекови права) да биде достапно и за други слични невладини организации – кои во минатото барале и во иднина ќе бараат нивна судска регистрација, вели Центарот.

    Меѓу целите на Центарот се и изучување на македонскиот литературен јазик од граѓаните на Грција, преку интернет-страница, поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во јавните основни и средни училишта и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија, Источна Македонија и Тракија и поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира