Во средните медицински училишта ќе се запишуваат само редовни ученици, т. е. запишувањето на вонредни ученици се става во мирување почнувајќи од мартовската испитна сесија, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Оттаму велат дека оваа одлука е во согласност со напорите на државата за спречување на одливот на работна сила, која значително недостасува во здравствениот сектор. Статистиките велат дека во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата.
Од МОН велат дека сите установи се известени, и дека претходно запишаните вонредни ученици продолжуваат со полагањето на предвидените испити, но во следниот период нема да може да се запишуваат нови. Редовни ученици пак, ќе можат да се запишуваат вообичаено во текот на месец јуни, а согласно квотите кои ќе бидат утврдувани во конкурсите за уписи во јавни средни училишта.
„Одлуката на МОН првенствено е од интерес на процесот на создавање квалитетен медицински кадар. За разлика од редовните ученици кои освен теоретската, имаат и ефективна практична настава по стандарди утврдени во наставните планови и програми, за вонредните ученици по медицина, можностите за пракса во реални условисе значително ограничени“, вели Министерството.
Според МОН, дополнителен предизвик е и тоа што уписот во вонредно образование нема ограничувачки квоти, за разлика од уписот на редовни ученици кој се дефинира со конкретни квоти, согласно капацитетите на училиштата и минимум поени дефинирани во секој конкурс за упис во средно образование што изнесува минимум 70 поени, односно одличен успех во основното образование, а понекогаш и дополнителни квалификациони тестирања за селекција на поголем број на пријавени ученици со 75 поени.
Иако има недостиг на медицински кадар, во Центарот за вработување во Куманово чекаат вработување над 200 медицински сестри и дваесетина од другите медицински профили. Иако овие професиии се барани во земјава и странство, сепак не сите лесно и побрзо доаѓаат до работа. Во Техничкото училиште „Наце Буѓони“ во Куманово, во кое има насока за медицински сестри и секоја година има голем интерес за редовен и вонреден упис на ученици. Во моментов, во училиштето има запишано над 160 вонредни ученици и исто толку во редовна настава во петте паралелки на македонски и албански јазик.
Б. НЕСТОРОСКА