Општина Куманово уплаќа 7 милиони денари или околу 115 илјади евра на ЈП „Куманово-паркинг“ за спроведување на програмата за воннаставни активности на младите во затворениот базен во Куманово. Со овие пари се покриваат трошоците на учениците од основните и средни училишта кои во текот на учебната година бесплатно пливаат и да ги користат услугите на базенот.
„Опфатени се сите училишта на ниво на Општина Куманово. Доаѓаат околу 2.000 ученици, во просек на еден термин имаме од 80 до 90 ученици. Термините се двапати неделно за секое училиште во одделенска и во предметна настава, термини има од сабајле и попладне, од 09-11 и од 14-17 часот. За професорите имаме семинар за пливање и за ватерполо тренери, да се дообучат за подобро да работат со непливачите“, рече Ивица Ѓорѓиевски, претседател на Општински училишен спорт во Куманово.
Претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска денеска беше на самото место да провери како се спроведува програмата, при што го истакна значењето на физичката активност на децата.
„Бидејќи субвенциите не се мали, апелирам до сите ученици кои сакаат да научат да пливаат и кои се подготвени да дојдат, не мора да ги води нивниот наставник по физичко образование, може било кој наставник да дојде со нив. Мој апел е, особено до децата кои имаат деформитет на кичмениот столб или друг здравствен проблем поради користењето мобилни телефони и компјутери, да се пријават, затоа што пливањето е спорт кој го опфаќа целото тело“, рече Ѓорѓиевска.
Советникот Дарко Митевски имаше забелешка до учениците и професорите за одржување на хигиената и односот кон инвентарот во базенот.
„Децата со гуми за џвакање влегуваат во базен, а потоа тие завршуваат на подот на базенот. Исто така, апелирам децата редовно да ги затвораат чешмите после туширање, оти водата ја оставаат да тече, а таа е загреана. Да не се кршат гардероберите, да се чува инвентарот бидејќи тоа е за сите нас. Ме радува обуката за професори за деца непливачи и апелирам до родителите да ги пуштат децата да научат да пливаат, бидејќи со одржување на телото се подобрува и моториката, но и психофизичкото здрваје на децата“, рече Митевски.
Програмата за бесплатно пливање ја користат 17 од 20 основни училишта. Не користат само три подрачани училишта во селата кои немаат бесплатен превоз, кажаа надлежните.
С. НИКОЛИЌ