Руски пратеници се обвинети дека формирале извидничка единица далеку зад линијата на фронтот за да можат тие и нивните воено способни синови да служат во Украина без да бидат повредени.
Кремљ ги повика руските политичари да ја поддржат инвазијата ако сакаат да бидат почитувани од обичните Руси. Поради тоа, руски пратеници се пријавуваат да служат еден месец во тајна единица наречена „Каскада“, сместена некаде во Донбас, што им овозможува да бидат снимени во воена униформа. Влијателниот руски блог „ВКЧ-ОГПУ“ објави листа со имињата на политичари од партијата Обединета Русија на Путин кои служеле во „Каскада“.
„Ова е ‘одред на пријатели‘, кој вклучува пратеници и нивни деца кои сакаат да се означат дека биле во војна, но не сакаат да одат на фронтот“, пишува блогот.
Основач и лидер на единицата е пратеникот Дмитри Саблин, чиј син беше снимен на служба во Украина.
„Каскада“ била основана во октомври, набргу откако Путин нареди делумна воена мобилизација, но нејасно е дали воопшто учествувала во борби.
„Најудобното место за ваква воена служба е одредот за извидување со дронови во ‘Каскада‘, бидејќи овозможува да се остане на безбедно растојание од фронтот“, пишува „ВКЧ-ОГПУ“.
„Каскада“ е опишана како полутаен одред за специјални операции, што значи дека нејзината локација не смее да се открива, иако Саблин во еден пост на Телеграм објави дека неговите војници се стационирани во Рубижне, 80-ина километри од првата линија на фронтот.