На прес-конференција пред Владата, министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека од први јули ќе се врати евтината дневна тарифа на струјата, бидејќи веќе од мај, па до октомври, државата ќе има вишок на производство на електрична енергија.
Бектеши кажа дека за ова преговара со Регулаторната комисија за енергетика. Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година.
Патем, се пофали дека зимава Македонија најдобро поминала со снабдувањето и производството на електрична енергија и затоа кај нас немаше рестрикции воопшто.
Бектеши кажа дека во празничниот месец мора да има замрзнување на цената на основните производи меѓу зеленчукот и овошјето, а конечната одлука ќе биде соопштена во петок или во недела.
Тој прочита цени на основните хигиенски производи како тоалетна хартија, влажни марамчиња, пелени за бебиња и за возрасни, со нагласок дека ги кажува без ДДВ. Рече дека Владата ќе мора сама да ги замрзне овие цени, бидејќи во Собранието уште од декември лани е заглавен законот со кој ДДВ-то треба да се намали од 18 на 5 отсто.
„Ние ќе ги замрзнеме и цените на хигиенските производи, но сакаме системски, со закон да се пропише таа можност во кризна состојба Владата да ги замрзнува цените на основните производи и долгорочно да се реши проблемот. Сакам да ја информирам јавноста дека од декември лани како го пративме предлог-законот во Собранието, претседателот на Комисијата за финансирање и буџет кој е од опозицијата, воопшто не закажал седница за да се разгледа. Можеби опозицијата и не сака да поевтинат производите”, кажа Бектеши и упати апел Комисијата да закаже расправа.
По прес-конференцијата, од Министерството за економија соопштија дека на нивни предлог, Владата на денешната седница ќе донесе Одлука со која се утврдуваат највисоки цени на трговија на мало на хигенски производи.
Како што велат оттаму, согласно одлуката се утврдуваат највисоки цени на тоалетна хартија,влажни марамчиња,пелени за деца и возрасни (дајперси) и хигиенски влошки кои се применувале на 20 март во трговијата на мало, кои цени се намалуваат за 13%.
С. К. ДЕЛЕВСКА