Пиесата „Веќе не е ни смешно“ на Сашо Кокаланов, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, ќе има праизведба вечерва во 20 часот во Театар Комедија.
Комедијата на Кокаланов е инспирирана од „Човек што плаче од смеење“ на Фредерик Бегбеде и „Човекот што се смее“ на Виктор Иго. Од Театарот велат дека станува збор за пиеса што ја прикажува приказната за еден комичар кој запаѓа во депресија зашто сите почнуваат да му го јадат лебот.
„Хуморот, неговиот занает, станува задолжителен, излитен и банален. Комичарот се наоѓа помеѓу чеканот и наковалната: од една страна свет во кој сите се смешни и имаат слобода да го истурат својот лош хумор секаде околу себе, од друга страна цензорското око на збудалената политичка коректност. Како да продолжи да твори фрлен среде океанот на универзалната смешка и со врзани раце и нозе од cancel-културата? Во неа ќе препознаете и алузии на филмот ‘Џокер’ на Тод Филипс; на тажниот живот на големите мајстори на хуморот, како Робин Вилијамс, но, за жал, и на ‘кловновите’ околу нас, кои безмилосно ја освоија сцената на смеата“, најавува екипата.
Играат Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Жаклина Петровска и Виктор Арсо.
Костимографка е Лидија Георгиева, сценографијата е на Марија Ветероска, музиката е на Игор Василев-Новоградска. Од останатите соработници автор на плакатот е Мартина Петровска, фото – Кире Галевски и видео – „Машина продакшн“ и светло – Илија Тарчуговски.
Б. НЕСТОРОСКА