Жителите на пет општини од Повардарјето добија можност општинските услуги да ги добиваат и електронски. Околу 70 илјади граѓани можат да добиваат 25 услуги по електронски пат.
Проектот кој се работеше девет месеци, финансиски е помогнат од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Бирото за регионален развој.
„Го промовираме ЛОГЕС, првиот софтвер за е-услуги на локално ниво во државата. Оваа дигитална алатка е чекор напред, која овозможува многу придобивки за граѓаните. Го олеснува пристапот до услугите, ја зголемува ефикасноста на работата и резултира со заштеда на трошоците. Ова е практична материјализација на принципот на ОН ‘Никој да не биде изоставен’ со што во пракса се покажува дека сите се еднакво третирани“, рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во Македонија.
Вкупниот буџет на проектот изнесува три милиони денари, од кои УНДП донираше 2,55 милиони.
„Голем дел од услугите кои ги даваат локалните власти, сега се дигитализирани. Тоа во пракса значи нема чекање, нема хартија, голем дел од услугите можат да се добијат од дома.Транспарентноста и отчетноста ќе бидат на поголемо ниво. Можноста за манипулации е нула, граѓаните ќе можат да ги следат нивните предмети до каде им се“, кажа Марко Колев, градоначалник на Велес.
Во програмата се вклучени општините Велес, Лозово, Градско, Росоман и Демир Капија. Граѓаните доколку сакаат по сопствен избор, може и натаму да одат на општинските шалтери да добиваат документи на хартија.
П. ПЕЧКОВ