Американската танцова компанија „Далас блек“ вечерва (20 часот) на Танц фест Скопје во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе ја изведе претставата „Забрзување и вознесувања“. Претставата е составена од пет кореографии: „Распарчување“ на Грегори Долбашиан, „Танц на срцето“ на Ми’Кал Стромил и „Како вода“, „Патот до еден“ и Погубување на чувството“ на Дарел Гранд Мултри во изведба на дванаесет танчери на компанијата.
Танцовиот театар „Далас блек“, како што вели уметничката директорка на Танц фест, Рисима Рисимкин, е основан во 1976 од Ен Вилијамс, со цел да создаде и произведе современ танц на највисоко уметничко ниво, преку претстави и едукативни програми кои ги премостуваат културите и допираат до различни заедници.
„Како најголема и најстара постојано оперативна професионална танцова компанија во Далас, ‘Далас блек’ е една од најзначајните афроамериканска танцови компании во САД. Под раководство на уметничката директорка Мелиса М. Јанг, современата компанија изведува мешан репертоар на модерни, балетски, џез и етнички дела од национално и меѓународно познати кореографи“, вели Рисимкин.
Пред настапот на компанијата, ќе биде изведена кратката кореографија „Предност“ која е производ на работилниците кои се одржаа во соработка на „Далас блек“ и Скопје танцовиот театар, со поддршка на Американската амбасада во Скопје. Работилниците под наслов „Денс комуникејшн“ ги одржа Сиера Ноел Џонс (ДБДТ) и асистентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ Стефанија Милевска Враниќ и Емилија Достинова.
Во работилниците учествуваат ученици од Музичко – балетскиот училишен центар „Илија Николовски – Луј“ во класа на професорките Елена Антонова Петровиќ и Александра Кочовска -ачева: Мила Ангелова, Екатерина Георгиева, Дора Пајдакова, Русанка Иваноска, Моника Ѓеоргиева, Лука Ѓеоргиевски, Јана Ѓоршова, Давор Милев, Теона Голчева; од Анастасија центар: Сања Лазаровска, Екатерина Мицевска, Надалина Талевска, Дејана Магденовска; од Танцовиот клуб Аква: Елена Тезиева, Ивона Маневска, Ивана Стратова, Анѓела Николовска, Вања Секуловска, Теона Димкова, Матеа Николовска, Ања Стојаноска, Џаст Даниелс и од Битркис културно уметнички центар: Надја Илијевски, Ивана Петровска, Теодора Атанасовска, Тамара Атансовска.
Б. НЕСТОРОСКА