ФИЛХАРМОНИЈАТА НАЈАВИ ПРОТЕСТИ АКО ОРКЕСТАРОТ ЗА ЏЕЗ МУЗИКА НЕ СЕ ИСЕЛИ ОД НЕЈЗИНАТА ЗГРАДА И ЈА ОБВИНИ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ЗА ЦЕЛИОТ ХАОС

    ФИЛХАРМОНИЈАТА НАЈАВИ ПРОТЕСТИ АКО ОРКЕСТАРОТ ЗА ЏЕЗ МУЗИКА НЕ СЕ ИСЕЛИ ОД НЕЈЗИНАТА ЗГРАДА И ЈА ОБВИНИ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ЗА ЦЕЛИОТ ХАОСФилхармонијата го одржа денешниот прес во присуство на оркестарот за да го покаже своето единство (Фото: СДК.МК)

    Филхармонијата останува на својот став дека две национални установи не можат да функционираат под еден покрив и најавува јавни протести ако Владата не ја промени одлуката за привремено сместување на новоформираниот Оркестар за џез музика (ОЏМ) во зградата на Филхармонијата. Освен што 108 вработени, на чело со директорката Тина Иванова, потпишаа петиција против оваа одлука, тие ја обвинуваат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска дека е директно одговорна за настанатиот хаос и не го испочитувала ветувањето дека на првата следна владина седница ќе се поништи одлуката за привремено сместување на ОЏМ во нивниот дом. Место тоа, Владата вчера само ја потврди својата првична одлука.

    Ниту јас како директорка, ниту некој од вработените ја имаше информацијата дека Оркестарот за џез музика ќе биде сместен во овој објект. Сè се одвивало тајно, со нас ниту збор. Информацијата ја дознавме од социјалните мрежи и некои портали. Овдека не станува збор за суета, туку за реалната ситуација и за можностите за евентуално заемно функционирање. По петицијата, министерката нè викна на состанок и вети дека ќе се смени олдуката за сместување на ОЏМ во домот на Филхармонијата. Застанувам зад колективот и единствениот став на сите вработени дека Филхармонијата не смее да биде предмет на експерименти непримерни за ваква институција. Во ниедна филхармонија на светот на функционира и џез ансамбл“, кажа Иванова.

    Истакнувајќи дека ја поздравуваат одлуката за формирање на Оркестар за џез музика, од Филхармонијата додаваат дека неговото сместување во иста зграда ќе се одрази на успешноста и на едните и на другите.

    Министерката за култура е одговорна за денешниот проблем. Наметнува привремени решенија кои ќе создадат трен проблем во иднина. Ако не ја промени својата одлука, ние ќе бидеме принудени да бараме одговорност и оставка од министерката преку јавни протести“, порача Владимир Лазаревски, претседателот на синдикатот на Филхармонијата.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира