ДОГОВОРОТ ЗА ГРАДБА НА АВТОПАТИШТАТА Е ТАЈНА, НО АКО НЕ СЕ ИЗГЛАСААТ ЗАКОНИТЕ ШТО ГИ БАРА „БЕХТЕЛ-ЕНКА“ ГРАДБАТА ЌЕ БИДЕ ПОСКАПА ОД 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, ВЕЛИ ГРУБИ

    ДОГОВОРОТ ЗА ГРАДБА НА АВТОПАТИШТАТА Е ТАЈНА, НО АКО НЕ СЕ ИЗГЛАСААТ ЗАКОНИТЕ ШТО ГИ БАРА „БЕХТЕЛ-ЕНКА“ ГРАДБАТА ЌЕ БИДЕ ПОСКАПА ОД 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, ВЕЛИ ГРУБИ„Или ќе биде пократно и поевтино или подолго и поскапо"- Артан Груби

    Ако не се изгласаат законите за четирите автопатишта од коридорите 8 и 10д, ќе се гради подолго и поскапо, рече вицепремиерот Артан Груби и координатор на изградбата на автопатските делници што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел-Енка“.

    Тој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Државни патишта Ејуп Рустеми на брифинг рече  дека е државен интерес законите кои се во собраниска процедура да се усвојуваат.

    Меѓу осумте закони кои се во Собрание е и предлог законот за измена на Законот за работни односи со кој се дозволува наместо 40 часа работниците да работат 60 часа неделно.

    „Или ќе биде пократно и поевтино или подолго и поскапо”, рече Груби, но одбиваше да каже колкава би била сумата на проектот ако рокот од 4,7 години се пролонгира, велејќи дека не знае.

    За колку би поскапел проектот не сакаше да каже ниту претставникот на надзорот “ИРД Инженеринг”.

    Министерот Бочварски каже дека кога се договарала сумата од 1,3 милијарди евра се предвидувало дека ќе бидат изгласани измените на законите. Тоа значи дека Владата преговарала без да знае дали законите ќе поминат.

    Владата не го дава на увид ниту договорот со “Бехтел и Енка” бидејќи како што рекоа министрите и вицепремиерот тој е деловна тајна по барање на фирмата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира