Јапонските власти ги одобрија контроверзните планови за отворање на првиот коцкарски ресорт во земјата. Комплексот треба да биде отворен во Осака во 2029 година.
Казината долго време се илегални во Јапонија, но во 2018 беа усвоени закони со кои е направен исклучок за некои игри, како покер, заради отворање на работни места и поттикнување на туризмот. Јавноста беше поделена околу ова, при што некои се загрижени дека ќе дојде до пораст на криминалот и зависноста од коцкање.
Покрај казиното, во комплексот на 49 хектари ќе има и хотел, конференциски центар, трговски центар и музеј.
„Се надеваме дека казиното ќе стане туристичка база која ќе го промовира јапонскиот шарм низ светот“, изјави премиерот Фумио Кишида.
Почетната инвестиција во проектот изнесува 13,5 милијарди долари и властите очекуваат ресортот да го посетуваат 20 милиони луѓе годишно и да носи годишни приходи од над десет милијарди долари.