Тие се најголемите брендови, но без логоа, и тоа е целата поента. Наречете го скришно богатство, или тивок луксуз. За богаташите и оние кои се стремат да се збогатат, модата без лого со високи цени е хир – барем меѓу луѓето кои можат да трошат во услови на повисока инфлација и нестабилна економија. Тоа е минлив тренд кој, иако се појави во екот на пандемијата, ги влече своите корени уште од американските индустријалци од златното доба од 19 век и Франција во 1700-тите.
А трговците на мало следат, како и повеќе дизајнери кои сакаат да ги фатат не само богатите, туку и оние што сакаат да станат богати.
Најдобар пример за оваа мода е холивудската актерка и мултимилионерка Гвинет Палтроу, која цела недела на судењето за скијачката несреќа во судницата во Јута беше облечена во „прада“ од глава до пети како и во луксузни џемпери од кашмир и чизми „селин“. Таа беше слика на дизајнерска икона во неутрален тон, а оние кои знаат за луксуз лесно ги забележаа брендовите зад нејзината смирена, многу скапа гардероба без лого.
„Кога знаеш, знаеш, и тоа е поентата“, вели Роберт Бурк, консултант за луксузна малопродажба. „Луѓето кои им се битни на модните брендови, луѓето во нивните салони, точно знаат што носат. И тие се единствените кои се важни“.
Добар пример за овој тренд е хитот „Следоред“ на „Ејч-Би-О“, приказната за супербогатото семејство Рој на чело со лукавиот патријарх Логан. Костимографката Мишел Матланд создаде скапа, но прикриена гардероба уникатна за клучните ликови како што тие еволуираат, и ги воодушеви обожавателите кои ги следат нејзините модни видувања уште од премиерата на серијата во 2018.
„Гардеробата не треба да блеска“, вели таа. „Секогаш ќе ги имате оние како Кардашијан – знаете, луѓето кои носат алишта што привлекуваат внимание. Можеби имаат иста сума пари, но различни аспирации“.
Светот на скришната мода во „Следоред“ содржи совршено скроени темни костуми, често шиени по мерка; бејзбол капи со совршено заоблен качкет; и неутрални моќни парчиња што ги носи Шивон, единствената сестра на браќата Рој. Нема логоа за семејството Рој и нивниот џет-сет.
Палтроу отсекогаш била привлечена од елегантен, минималистички луксуз. Но, нејзината гардероба на судењето во Јута стана видлива на ТВ во време кога повеќе брендови на модните писти и полиците ставаат дискретни (а сепак скапи) тонови и форми. Некои го прават тоа, но oстануваат верни и на клиентите кои трошат на светкави, препознатливи силуети, ткаенини, логоа и гламур.
„Расположението за тивок луксуз се зацврсти кај купувачите оваа сезона, па вообичаено поблескавите брендови, како ‘леве’, ‘сен лоран’,’миу миу’ се свртеа кон покласичниот сензибилитет“, вели Џоди Кан, потпретседател за луксузна мода во луксузната стоковна куќа „Ниман Маркус“.
Тие дизајнери им се придружија на компаниите кои отсекогаш го правеле тоа, меѓу кои и некои носени во „Следоред“ и од Палтроу како “Роу“, „Бруно Кучинели“, „Лоро Пиана“. Бурк вели дека голем дел од овој тренд може да се објасни со пандемијата. „До одреден степен, сега има замор, заедно со несигурноста во економијата“, вели тој. „Луѓето чувствуваат дека не сакаат нужно да покажат дека имаат многу пари“.
Моментот на тивок луксуз има контрамоменти, како што тоа обично се случува во модните циклуси. Сè повеќе има врвни производи, како пасти за заби од 10 долари и креми од 90 долари, на полиците на супермаркетите. Некои бараат нови начини за зголемување на продажбата и профитот со фокусирање на премиум артикли во услови кога продажбата во целина е намалена. Аналитичарите забележуваат дека луѓето сакаат да се покажат во добрите моменти, а не кога нервите се слаби поради несигурноста на берзите. Како што објаснува Мартин Педраза, директор на Институтот за луксуз, богатите се обидуваат да ги имитираат масите, додека оние во средината и на врвот на масата ги имитираат минималистичките богаташи.
Имало и други епохи на тивок луксуз во модата. Имаше минималистичка естетика од 1990-тите, кога Дона Каран и Миуча Прада го направија модерно практичното облекување и покажаа тивок луксуз среде рецесијата од 2008-2009 година. Патриша Мерс, заменик-директорка на Музејот на Модниот институт за технологија, вели дека „луѓето со вистински пари и моќ отсекогаш го правеле ова, барем во САД“. Но, минимализмот не е сè. Никој не очекува дека логоата, заедно со препознатливите отпечатоци и поизразените силуети, ќе исчезнат.
„Секогаш ќе има луѓе кои сакаат логоа. Шанел тешко можеше да се откаже од своето лого“, вели Педраза. „Но, секогаш ќе има брендови кои се потпираат на она што се случува во моментот“.