Сопствениците на градежната компанија „Голден арт“ Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски лани во мај купуваат нива на булевар Србија и кратко време по тоа на таа нива е нацртана маркичка за 12-катница, објави БИРН. Оваа 12-катница на нивниот имот е предвидена со предлог Деталниот урбанистички план ЈИ09 блок 09.01. за дел од населбата Лисиче, во кој нацртани се маркички за девет згради.
Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски, имаат во сопственост пет катастарски парцели со вкупна површина од 1.181 квадратен метар, заведени во имотниот лист како ниви. Тие, со новиот детален урбанистички план треба да влезат во градежна парцела на која е предвидена 12-катница, односно станбен објект со приземје, десет ката и поткровје. Таа ќе биде најголема од редицата висококатници предвидени во деталниот урбанистички план. Освен имотите на Јакимовски и Јаќимовски, парцелата опфаќа и земјишта на други сопственици, непознати во градежниот бизнис.
„Не бев информиран дека има постапка за менување на ДУП-от, а во близина немаме други имоти. Што се однесува до плановите за овие парцели, во моментов немаме конкретен план за градба. Интензивно работиме на други тековни проекти каде што сме целосно ангажирани, а планови за овие парцели ќе се прават во иднина“, вели Јаќимовски за БИРН кој освен што е сопственик на „Голден арт“ е и претседател на Градежната комора.
Од Општина Аеродром за САКАМДАКАЖАМ.МК пред два дена изјавија дека планот се прави токму на барање на сопственици на имотите долж булеварот Србија односно каде што се предвидени висококатниците меѓу кои и онаа на Јакимовски и Јаќимовски.
„Голден арт“ е градежна фирма што е мошне активна во Општина Аеродром, но и во други делови од Скопје. Изгради неколку висококатници во Стар Аеродром, а заедно со партнерска фирма направи еден комплекс згради покрај булеварот Трета македонска бригада кај „Американ колеџ“ и гради нов комплекс покрај булеварот Србија, на 500 метри јужно од кулите Џеваир. Земјиштата што лани ги купиле Јакимовски и Јаќимовски се наоѓаат веднаш спроти проектот што им е во градба во моментов. Тие згради се изѕидани и се во фаза на внатрешно и надворешно уредување, а имаат по приземје, десет ката и поткровје, исто како што се предвидува во новиот ДУП за Лисиче.
Компанијата има земјиште и во кругот на поранешната фабрика „Треска“ во Општина Центар.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 12 април објави дека „Голден арт“ заедно со компанијата „Мега и Акустик“ откупиле државно земјиште од Општина Центар за дооформување на парцела за изградба на згради во кругот на „Треска“. Двете компании поседувале 90.17 проценти од вкупната површина на градежната парцела, па за дооформување им останале 9.83 проценти од вкупната градежна парцела, кои им се веќе продадени од Општината и сега тие чекаат само да им се одобрени барањето з аградба и можат да градат.