Има барем 45 причина да се намали на храната и пијалоците со додаден шеќер, според една нова студија. Обемната студија направена од научници во Кина и САД, објавена во медицинскиот журнал „Би-Ем-Џи“, покажа дека има 45 негативни ефекти на здравјето од претераното внесување шеќер и утврди дека дневната консумпција на додаден шеќер не треба да биде повеќе од 10 отсто од калориите.
Внесувањето премногу шеќер го зголемува ризикот за дијабетес, обезност, висок крвен притисок, гихт, инфаркт, мозочен удар, рак, астма, кариес и депресија.
За додаден шеќер се смета шеќерот што се додава при подготовка на храна и пијалоци и во оваа категорија не спаѓаат шеќерите што природно ги има овошјето и зеленчукот.
„Ваквите студии се корисни за советување пациенти да направат мали измени, како намалување на внесувањето на шеќер преку зашеќерени пијалоци и со тоа да имаат значително подобрување на здравствената состојба“, вели д-р Маја Адам, професорка по педијатрија на Универзиетот Стенфорд.
Според студијата, сè уште нема доволно податоци да се утврди врска меѓу додадениот шеќер и ракот, но истражувачите се сигурни дека високата консумпција на шеќер води кон обезност, што пак е голем ризик за разни видови рак. Истото важи и за кардиоваскуларните болести.
„Додадениот шеќер предизвикува воспаление на телото и тоа може да доведе до стрес на срцето и крвните садови, што пак води кон покачен крвен притисок“, вели Брук Агарвал, професорка по кардиологија на Универзитетот Колумбија.