Отсуството на институционална транспарентност го скратува правото на граѓаните за пристап до информации и го маргинализира нивното учество во процесите на одлучување и креирање политики, покажа истражувањето „Улогата на институционалната транспарентност во справувањето со дезинформациите и шпекулациите во Северна Македонија“ на Институтот за комуникациски студии (ИКС). Според наодите од ова истражување, овие тенденции не само што ги оневозможуваат граѓаните информирано да ги следат владините одлуки, туку и го зголемуваат ризикот од ширење на дезинформации. Понатаму, наодите од истражувањето нагласуваат бројни предизвици, вклучувајќи нормативно-правни, организациски и технолошко-технички прашања.
Истражувањето имаше за цел да го истражи односот помеѓу отворените и одговорни влади и ширењето на дезинформации што ја поткопуваат довербата во државните институции и се фокусираше на два клучни субјекти во општеството – институциите на централната власт и медиумите – за да се идентификува дали и колку транспарентноста на институциите може да придонесе за спречување на ширењето на дезинформации.
„Сеопфатниот пристап на Европската Унија за справување со дезинформациите, заедно со нејзините општи норми и документи за институционална транспарентност и борба против корупцијата, содржат вредни насоки за надминување на овие предизвици. Но, медиумите, институциите, граѓанските организации и граѓаните сите имаат улога во намалувањето на влијанието на дезинформациите. Кога се регулираат дезинформациите, од клучно значење е да се биде свесен за ризиците, особено за цензурата и ограничувањето на слободата на говорот. Транспарентноста треба да се смета за алатка за справување со дезинформациите, бидејќи помага во создавање поотворена, поодговорна и доверлива информативна средина“, велат од ИКС.
Истражувањето дава корисни сознанија за креаторите на политики, медиумските професионалци и актерите од граѓанското општество кои работат на подобрување на транспарентноста на институциите и борбата против дезинформациите. Со разбирање на феноменот на дезинформациите и нивното влијание, можат да се развијат ефикасни и координирани политики и мерки за да го спречат нивното ширење.
„За да ги заштитиме демократските општества од штетноста на дезинформациите, мора да дејствуваме проактивно и здружено. Време е сериозно да ја сфатиме транспарентноста“, велат од ИКС.
Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Користи факти“, кој ИКС го имплементира со поддршка на Британската амбасада во Скопје.