„Преекспонирано“, првиот игран филм на Елеонора Венинова, ќе ја има македонската премиера на 27 април, кога ќе почне да игра во домашните киносали, соопшти продукцијата „ДНФ филмс“. По тој повод, беше објавен нов трејлер за филмот, кој имаше светска премиера во ноември на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро.
Азиската премиера беше на фестивалот во Пуне (Индија) во февруари, а следниот фестивалски настап ќе го има на КинЕст фест во Катанија, Италија.
Венинова е режисерка и сценаристка на филмот во кој улогите ги толкуваат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска и Марјан Наумов. Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката ја напиша Линдзи Рајт, сценографијата е на Срѓан Митровиќ, монтажата на Гоце Кралевски, а костимите на Жаклина Крстевска. Продуцент е Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), а копродуцентка Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за филм, Српски филмски центар и Еуримаж.