Зачестија пожарите на крајбрежјето на Охридското Езеро, од Струга кон селото Калишта. Огромни површини трска и нискостеблеста вегетација се спалени, а само во последната недела евидентирани се два големи пожара на локалитетот Калишко Поле. Противпожарната единица постојано интервенира, еколозите повторно алармираат, но сликата на пламен и чад се повторува секоја година со започнување на пролетта.
„За жал, како и многупати изминативе години се соочуваме со палење на трската, нешто за кое што сме зборувале многупати и нешто што никако да стане дел од она што се нарекува правна држава. Трската во континуитет се спалува, гледаме дека на површините се истура градежен шут. Она што најмногу ни пречи е тоа што не станува збор за приватно земјоделско земјиште, туку станува збор за државно земјиште за кое треба да се грижат соодветни институции, инспекторати кои не ги гледаме на терен“, вели граѓанскиот активист Никола Кукунеш.
Екологистите се гневни оти поединци незаконски го уништуваат крајбрежјето за личен профит, изградба на објекти и плажи, а надлежните не реагираат. Велат дека со ваквата узурпација со години се уништува природниот биодиверзитет на Охридското Езеро.
„Се уништуваат мрестилиштата на краповидните риби, а птиците исчезнуваат напуштајќи ги спалените гнезда“, велат тие.
Сѐ уште не е поставен видеонадзор, а нема ни ренџерска служба за заштита кои се најавуваа за да се спречи палењето на трската.
„Иницијативите се однесуваа и за поставување на видеонадзор и за организирање некаква ренџерска служба, којашто барем во периодот додека се случува палењето на трската ќе биде присутна на терен. Од друга страна, беше поднесена и иницијатива за дислокација на фрлениот градежен шут на местото кое се опожарува со цел да не дојде до негова понатамошна деградација“, додава Кукунеш.
Според слободни проценки, две третини од трската во Струшко е запалена, но како што велат еколозите, за среќа природата има моќ за нејзина регенерација со што трската за неколку години повторно е тука.
Градоначалникот Рамис Мерко неодамна изјави дека трската не се пали за да се градат објекти. Според него, тоа го правеле граѓаните на нивните приватни имоти оти имале потреба да си ги исчистат нивите.
Уништувањето на трската е една од забелешките на УНЕСКО. Кукунеш вели дека мора да се почитуваат препораките за да се зачува целокупниот биодиверзитет во езерото.
С. ВРЕНЦОВСКА