Министерството за внатрешни работи (МВР) ги тера граѓаните кои ги платиле казните од сообраќајниот систем „Безбеден град“ да однесат доказ во најблиската полициска станица со отпечатена уплатница во банка, или ако казната е платена електронски, копијата да се отпечати и да се однесе на заверка во банка.
Со копија од уплатницата како доказ дека сте платиле во банка и со „Записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог“ кој сами треба да си го отпечатите на хартија, одите на шалтер во полиција. Таму чекаат редица нервозни луѓе, а кога ќе стигнете на ред, гледате дека полицискиот службеник прво ве запишува во книга, потоа ги копира вашиот записник и уплатницата за физички да ги однесе во МВР, па ви ги спојува и ви ги враќа доказите дека сте платиле казна.
„Чекам овде во Сообраќајна полиција веќе еден час. Носам да покажам доказ, инаку платена ми е казната во банка уште сабајле. Се создаде гужва бидејќи на еден шалтер сме тие што сме дошле само да покажеме уплатница, заедно со тие кои сакаат тука да платат. Само додека стојам, службеникот потроши една приколка хартија. МВР дигитално казнува преку камерите на ‘Безбеден град’ и дигитално на смс-порака и на имејл-адреса известува и ни праќа автоматизиран формулар пополнет со лични податоци и со платен налог, со трансакциски сметки, шифри на примачот МВР и слично, а рачно проверува дали сме платиле. Фаќа прекршоци со систем од 21 век, а казнува како да сме во 20 век“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК возачка од Скопје, која сторила прекршок возејќи со поголема брзина на автопатот Гевгелија-Скопје, која ја затекнавме во редицата пред седиштето на Сообраќајната полиција во Скопје.
Нервозни во редот, граѓани кои веќе ги платиле паричните казни за побрзо возење од дозволеното, коментираа дека всушност казната е поголема од пропишаната.
„Каде е изгубениот ден? Не секој може да излезе од работа, нема секој дома копир апарат, згора на тоа треба да се оди во банка да ти ја испечатираат уплатницата, иако си платил електронски. Уште да им ги проверуваме сметките да им покажеме – еве ви легнаа пари од казната што ја платив сабајле“, велат граѓаните кои се чудат како во време на електронско банкарство и дигитализација, со софистициран начин на ловење сообраќајни прекршоци, МВР е заглавено во времето на тефтерите и пенкалата.
Во МВР прашавме: „Зошто сторителите на сообраќајни прекршоци мора во полициска станица уплатниците да ги носат лично како доказ дека ги платиле казните? Зошто Министерството за внатрешни работи во април 2026 сè уште нема електронска евиденција, а министерот Панче Тошковски во декември 2025 година рече дека тоа ќе се случи наскоро?“.
Од МВР одговорија: „Во врска со вашите прашања ве известуваме дека во тек е процес на креирање на софтверско решение односно апликација преку која граѓаните ќе можат електронски да го платат прекршочниот платен налог кој им е изречен од системот Безбеден град, без да има потреба потврдата од плаќањето да ја носат во најблиската полициска станица“.
Го прашавме и Министерството за дигитална трансформација до кога ќе се малтретираат вака граѓаните и зошто од нивна страна не е дигитализиран комплетно системот „Безбеден град“, но оттаму упатија за прецизни и целосни информации прашањата да ги адресираме директно до Министерството за внатрешни работи.
„Би сакале да појасниме дека Министерството за дигитална трансформација не е вклучено во имплементацијата на проектот на Министерството за внатрешни работи ‘Безбеден град (Safe City)’, и во таа смисла немаме надлежност во делот на постапувањето по сообраќајни прекршоци и евидентирањето на уплатите по однос на изречените казни. Од тие причини, не сме во можност да дадеме одговори за процедурите што ги применува МВР или детали во врска со проекти од нивна надлежност“, ни одговорија од Кабинетиот на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
На почетокот на декември 2025, беше кажано дека МВР размислува за специјализирана апликација каде што ќе има број што ќе го добијат сторителите на сообраќајниот прекршок и кој ќе биде единствен за плаќање на таа казна. Техничарите размислуваат за една таква апликација, рекоа тогаш од МВР, но поминаа скоро 5 месеци, а граѓаните платените казни мора да ги носат лично во МВР, место да има електронска евиденција.
С. К. ДЕЛЕВСКА



