Двајцата возачи од Скопје кои беа дел од инцидентот во Гевгелија каде почина млада мигрантка добија притвор. Се сомничат за криумчарење луѓе, бидејќи полициски службеници ги фатиле како преземаат група мигранти на паркингот кај месноста викана Стара Касарна. Според Јавното обвинителство, инцидентот се случил кога возачот на „мерцедесот“ почнал да ги сместува мигрантите во возилото кое имало бугарски регистарски ознаки претходно пријавени дека се украдени.
„Додека траело сместувањето, полициски службеник ги предупредил со ‘стој полиција‘. Додека преземал дејствија за лишување од слобода на првоосомничениот, осомничениот, возачот на ‘мерцедес’, физички го нападнал и во текот на нападот бил испукан куршум од службениот пиштол, кој предизвикал фатални последици по една мигрантка“, соопшти Јавното обвинителство.
Обвинителството ќе ја испитува и одговорноста на полицискиот службеник од чиј пиштол настрада младата мигрантка. Како што соопшти Обвинителството, веќе бил отворен предмет и била издадена наредба за вештачење на папиларните линии на службениот пиштол како и други траги за да се утврди кој го испукал крушумот во критичниот момент.
Инцидентот се случи вчера во раните утрински часови, кога еден од возачите нападна полицаец и се обидел да му го одзеде службениот пиштол.
В. ТРАЈКОВ