Актерот Симеон Мони Дамевски денес беше резибран за директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Дамевски, кој беше на чело на фестивалот од јуни 2021, доби нов мандат уште уште две години, откако денеска беше реизбран на Собранието на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), со мнозинство гласови од присутните членови, соопшти ДФРМ.
„Мони Дамевски презентираше извештај за минатогодишното издание на фестивалот ‘Браќа Манаки’ и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера. Покрај тоа, тој најави и богата програма и реномирани гости на годинашното издание на ‘Браќа Манаки’, кое е планирано да се одржи во втората половина на септември“, вели ДФРМ.
Дамевски дипломирал актерство на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а магистрирал на Ратгерс, државниот факултет на Њу Џерси во САД, каде од 1990 до 1992 бил и асистент по глума. Во 40-годишната кариера играл в театар и на филм („Пред дождот“ и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ меѓу другите), продуцент е на „Враќање“ и на „Војната заврши“ на Митко Панов и на 6 документарци, а очекува и продукција на две негови филмски сценарија. Син е на еден од легендарните македонски актери, Дарко Дамевски.
Б. НЕСТОРОСКА