НИКОЛА ДИМИТРОВ СЕ ВРАЌА ВО ИГРА СО ПОДДРШКА НА РИКЕР, ПРИБЕ И ПАПАНДРЕУ

    НИКОЛА ДИМИТРОВ СЕ ВРАЌА ВО ИГРА СО ПОДДРШКА НА РИКЕР, ПРИБЕ И ПАПАНДРЕУДимитров, на неговата последна прес-конференција како вицепремиер, кажа дека не е човек што се откажува и дека е сменет за да го замолчат во владата поради неговите принципиелни ставови за преговорите со Бугарија. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров следната недела ќе ја промовира својата нова иницијатива, година и пол откако беше сменет од вицепремиерската позиција за европски прашања. Димитров, во улога на претседател и коосновач на невладината организација Балкански центар за конструктивни политики Солуција, организира панел дискусија за справување со корупцијата и клиентелизмот, на кој панелисти ќе бидат три странски имиња добро познати во македонската јавност.

    Станува збор за поранешниот американски амбасадор и висок функционер во Стејт Департментот Филип Рикер, кој сега е во консултантската компанија „Олбрајт Стоунбриџ Груп“, германскиот експерт за владеење на правото Рајнхард Прибе, автор на Итните реформски приоритети во 2015, и поранешниот грчки премиер Јорго Папандреу, сега пратеник во грчкиот парламент.

    Панелот е насловен „Македонски Ден на мрмотот: Излезе од лавиринтот на корупцијата и клиентелизмот“ и ќе се одржи во М6 едукативниот центар во Скопје идниот четврток, на 27 април.

    На прашањето дали од оваа невладина организација и иницијатива ќе излезе нешто поголемо, дали има намера да прави партија, или некакво движење што ќе се појави со своја листа на парламентарните избори идната година, како што изминатите неколку месеци се шпекулира во јавноста, Димитров одговара:

    „На почетниот настан ќе ја промовираме нашата невладина организација – Балкански центар за конструктивни политики Солуција – и една од нашите први иницијативи. Да, ќе имаме и домашни и меѓународни важни гости со кои ќе разговараме како да се најде излез од лавиринтот на корупцијата и клиентелизмот. Повеќе за невладината, но и за конкретната иницијатива ќе кажеме на и по настанот“, вели Димитров за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Димитров, на неговата последна прес-конференција како вицепремиер, кажа дека не е човек што се откажува и дека е сменет за да го замолчат во владата поради неговите принципиелни ставови за преговорите со Бугарија.

    Јас сум пречка во Владата за лошо решение на спорот со Бугарија, рече вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров на прес-конференцијата на 12 јануари 2022, што беше негова последна како член на Владата. Тој рече дека имал сериозна битка внатре во владата во однос на националните позиции за спорот со Бугарија и токму поради различните позиции не е дел од новата влада.

    Со изборот на владата на Димитар Ковачевски во јануари минатата година, на местото на Димитров беше избран Бојан Маричиќ.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира