Двајца луѓе загинаа, а десетмина се повредени откако се запали ресторан во Мадрид, објавија итните служби. Пожарот избувна синоќа околу 23 часот во италијански ресторан во централната населба Саламанка.
Еден очевидец изјави за весникот „Ел Паис“ дека пожарот почнал откако келнер запалил десерт на чинија, по што пламенот ги зафатил плафонот и ѕидовите декорирани со пластични цвеќиња. Посетителите не можеле да избегаат бидејќи пожарот почнал близу излезот.
Шпанската полиција соопшти дека почнала истрага за пожарот, додавајќи дека жртвите се двајца мажи на возраст од 25 и 30 години. Еден од повредените е во критична состојба.