Кандидатите на партиите на косовските Албанци победија на вчерашните локални избори во четирите српски општини на северот на Косово, откако Србите не излегоа на гласање. Од 45.000 луѓе со право на глас, на изборите излегле само 1.567, односно 3,47%.
Ниската излезност уследи откако Белград и Српска листа ги повикаа косовските Срби да ги бојкотираат изборите. На тој начин, во Косовска Митровица и Лепосавиќ победија кандидатите на партијата Самоопределување, додека во Зубин Поток и Звечан најмногу гласови освоија кандидатите на Демократска партија на Косово.
„На оние кои мислат дека со еден или два отсто освоени гласови можат да водат општини на северот на Косово сакам да им порачам дека тоа никогаш нема да го дозволиме“, изјави потпретседателот на Српска листа, Милан Радоичиќ.
Амбасадата на САД во Косово соопшти дека изборите се одржаа во согласност со уставните и законските одредби на Косово.
„Ние ја поддржуваме разновидната, инклузивна и мултиетничка демократија во Косово“, кажаа од амбасадата.
Приштина ги организираше изборите откако српските градоначалници во овие четири општини поднесоа оставка на повик од Белград поради спорот околу регистарските таблички.