80-ГОДИШНИОТ БАЈДЕН СМЕТА ДЕКА НЕГОВАТА ВОЗРАСТ НЕ Е ПРЕЧКА И ПОТВРДИ ДЕКА ПОВТОРНО ЌЕ СЕ КАНДИДИРА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ

    80-ГОДИШНИОТ БАЈДЕН СМЕТА ДЕКА НЕГОВАТА ВОЗРАСТ НЕ Е ПРЕЧКА И ПОТВРДИ ДЕКА ПОВТОРНО ЌЕ СЕ КАНДИДИРА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛБајден би имал 86 години на крајот на вториот мандат (Фото: АП)

    Џо Бајден (80) и официјално објави дека ќе се кандидира на претседателските избори во САД во 2024 година, при што побара од гласачите да му дадат повеќе време за да ја заврши работата што ја почна кога положи заклетва за првиот мандат. Бајден, кој би имал 86 години на крајот на вториот мандат, смета дека неговите досегашни законодавни постигнувања и повеќе од 50-годишното искуство во политиката се поважни од загриженоста за неговата возраст.

    Во отсуство на сериозен ривал во Демократската партија, се очекува тој лесно да добие номинација, но освојувањето на втор мандат меѓу силно поделените гласачи се смета за далеку потешка работа.

    Тој ја објави кандидатурата во триминутно видео, точно четири години откако кажа дека влегува во претседателската трка за да ја зацели душата на нацијата по турбулентниот мандат на Доналд Трамп.

    „Реков дека сме во борба за душата на Америка и сè уште сме. Прашањето со кое се соочуваме е дали во годините пред нас ќе имаме повеќе или помалку слободи. Повеќе или помалку права“, кажа Бајден, кој веќе е најстариот претседател на САД во историјата.

    Тој откри дека слоганот на неговата кампања, што ќе ја води Џули Чавес Родригес, ќе биде „Ајде да ја завршиме работата“.

    „Секоја генерација Американци се соочи со момент кога мораше да ја брани демократијата и да се бори за своите лични слободи. Ова е нашиот момент“, додаде Бајден.

    Изборите во САД ќе се одржат на 6 ноември 2024 и Доналд Трамп веќе објави дека повторно ќе се кандидира.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира