Премиерот Димитар Ковачевски ја префрли вината за лошата состојба во правосудството на Судскиот совет, но и на опозицијата, за која што рече дека во Собранието ги блокира законите за унапредување на работењето на правосудните органи. Одговарајќи на новинарско прашање за писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер, која вели дека е загрижена што Апелациониот суд укинува пресуди за висока корупција, Ковачевски кажа дека тоа се однесува на правосудните органи.
„Мора да разграничиме дека во државата имаме поделба на власта на извршна законодавна и судска власт. Ова (писмото, н.з.) се однесува на правосудните органи. Ние како Влада секогаш стоиме на располагање за унапредување на законодавството и знаете дека веќе имаме нов Кривичен законик, во Собранието поднесовме низа на закони за унапредување на работењето на правосудните органи, но најголемиот дел од тие закони се блокирани во Собранието, одговор може да ви дадат од опозицијата од кои причини ги блокираат тие закони. Дел од судниците се дигитализираат, веќе функционира системот за интероперабилност меѓу судовите и институциите и тоа е сè што Владата може да го направи во делот на унапредување на судството“, рече Ковачевски по обраќањето на самитот „Македонија 2025“.
Тој додаде дека е потребно повеќе да се вклучат Собранието и политичките партии во делот на комуникација со судовите.
„По Устав и по закон, членовите на Судскиот совет се бираат во Собранието и понатаму тие ги бираат судиите и управуваат со нивното работење и сметам дека треба да се воведат подетални, мерливи показатели за работата на секој поединец во судската сфера. Јас не сакам да генерализирам, дали нешто комплетно не функционира или комплетно функционира, бидејќи се работи за систем во кој што постојат поединци од кои дел веројатно добро си работат, дел помалку добро, дел треба да го унапредат своето работење, а дел може треба да бидат освежени со нови кадри, но тоа не е дел од ингеренциите на Владата. Она што е во ингеренциите на Владата, ние секојдневно го правиме и тоа на транспарентен начин“, вели премиерот.
Конкретно за писмото од Агелер испратено, меѓу другите, и до Владата, Ковачевски кажа дека писмото содржи одредени случаи за кои што тој смета дека се одолговлечени со враќање од повисоки кон пониски инстанци во неколку наврати, но дека тоа се прашања за судиите и оние кои управуваат со работата на судиите.