Аниматорката Тонкица Митровска и композиторот на филмска музика Љупчо Константинов се добитниците на наградата Златен објектив за 2023 година, објави Кинотеката. Признанијата ќе им бидат доделени на посебен настан што Кинотеката ќе го организира следниот месец.
Оваа награда им се доделува на филмските работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Родена во 1948, Тонкица Митровска е една од првите кои работеле на анимираниот филм во Македонија. Била вклучена во речиси сите филмови од опусот на „Скопската анимирана школа“, односно Студиото за анимација на „Вардар филм“, формирано во мај 1975. Како соработничка или сценографка, работела на повеќе од 20 домашни анимирани филмови.
Љупчо Константинов (1946) дипломирал на Музичката академија во Белград. Автор е на музиката за бројни играни, документарни и анимирани филмови, ТВ-филмови, серии и драми, како и за над 60 театарски претстави. За музиката за филмот „Среќна нова ‘49“ доби Златна арена во Пула и Бронзена плакета „Милтон Манаки“ во Битола во 1986.