„Функционерите си ги покачија платите за 78 проценти, а нас нѐ убедуваат дека 2.000 денари е доволно да преживее македонскиот работник“, рече претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски на денешниот протест за Денот на трудот – 1 Мај пред Владата.
Членството на пратениците и на извршната власт им порачаа дека „не е исто покачување од 2.000 денари на година и 2.000 денари на ден“ и оти „Работниците се државата“ – како што гласеше и слоганот на денешниот протест.
„ Со две илјади денари работникот не може да го издржи месецот, додека некои со 78 отсто си го поминуваат месецот лежерно и убаво. Ние, работниците, не се откажуваме – како за нив, така и за нас. Нека ги намалат и тие платите и ние нема да бараме. Но, интенцијата е да се зголемат платите на сите работници, бидејќи гледаме во какво време-невреме живееме и колку се потребни тие пари. Пазарат по продавници и нѐ лажат дека цените се намалени, но ние сме секој ден таму и тоа не се случува. Го повикувам македонскиот работник, пензионер, народ, да излезе и да се сплоти и да им кажеме ‘не’ на овие што не мислат на нас и си гледаат само за себе“, кажа Димовски.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи, здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Дејановски праша за кој труд претставниците на Владата си ги зголемиле платите за 800 евра во најголема инфлација.
„ И што добивме ние од тоа? Триесет и две години ги гледаме како исплаќаат дневници и патни трошоци, а 32 години македонскиот работник нема добиено ништо. Две илјади денари покачување на година, две илјади денари покачување на ден не е исто, 2.500 евра плата и минимална плата не е исто. Синдикална минимална кошничка од 51 илјада денари, па кој може да преживее? Кој ги прима тие плати во Македонија? Мора да се изедначиме, не може да прифатиме ништо освен истата пресметка на плата како што тие си ја земаат“, рече Дејановски.
Тој порача дека работниците треба да бидат обединети и единствени и секој ден да излегуваат на протести за да го добијат тоа што го бараат.
„Без масовност и единство ќе нѐ играат како што сакаат. Мора ова да биде почеток на една голема синдикална пролет“, рече претседателот на УПОЗ.
Пред протестот на ССМ, протест имаше и Конфедерцијата на слободни синдикати (КСС) кои се разочарани од одлуката на Уставниот суд со која им се овозможи покачување на платите на назначените функционери.
„Она што најмногу ги револтира работниците е што законот важи за функционерите и мора да се почитува, а кога се работниците во прашање со покачувањето кое треба да го добијат од 10 до 17 проценти согласно со растот на минималната плата, никогаш не го добиваат,“ вели претседателот на КСС Благој Ралповски.