Општина Битола овозможи поголема достапност на сопствените услуги за лицата со оштетен вид поставувајќи 25 табли со Брајово писмо. Дури 24 од нив се поставени пред одделенијата и секторите во општинската зграда, а една пред влезот на установата.
Ваквите активности Општината ги поддржа преку програмата за социјална заштита во соработка со Здружението на слепи лица од Битола, а со својата експертиза волонтерски помогнаа и Ирена Ружин и Јове Парговски кои досега реализирале бројни проекти за поголема достапност на институциите од областа на културата за лицата со оштетен вид.
„Во голема мера ќе се олесни пристапот за граѓаните кои имаат оштетен вид, а на тој начин ќе можат самите со доаѓање во општината да се упатат на вистинското место и навремено да ги завршат потребните работи, со нивно директно присуство во институцијата и лесна пристапност до одговорните службеници“, рече градоначалникот Тони Коњановски.
Ж.ЗДРАВКОВСКА