Експлозии се слушнаа во Киев и во други украински градови ден откако Русија ја обвини Украина дека го нападнала Кремљ со дронови во обид да го убие Владимир Путин.
Украинската војска соопшти дека противвоздушната одбрана соборила 18 од 24 камиказе дронови што Русија ги лансирала утрово. Притоа биле уништени сите дронови со кои Киев беше гаѓан третпат во последните четири дена.
Володимир Зеленски негираше дека Украина го извела нападот на Кремљ, кој според Москва, бил извршен со два дрона, кои биле соборени.
„Ние не ги напаѓаме Путин и Москва. Ние се бориме на нашата територија. Ние ги браниме нашите градови и села“, изјави украинскиот претседател.
Тој денеска ќе зборува во Хаг за време на неочекуваната посета на Холандија, при што ќе го посети и Меѓународниот кривичен суд, кој истражува наводни руски воени злосторства во Украина. Ќе се сретне и со холандскиот премиер Руте, кој во јануари кажа дека постои можност за испорака на борбени авиони во Украина.
По наводниот напад на Кремљ, Москва кажа дека го задржува правото да се одмазди. Вчера беше ракетиран регионот Херсон, при што загинале 21 цивил. Во исто време, со дрон била погодена рафинерија во јужна Русија, која притоа се запалила.