СО НОВИ ПАТИШТА И УРЕДЕНИ ПАРКОВИ, СТРУГА ЌЕ БИДЕ ПРИМЕР КАКО ТРЕБА ДА ИЗГЛЕДА ТУРИСТИЧКИ ГРАД, ВЕЛИ МЕРКО

    СО НОВИ ПАТИШТА И УРЕДЕНИ ПАРКОВИ, СТРУГА ЌЕ БИДЕ ПРИМЕР КАКО ТРЕБА ДА ИЗГЛЕДА ТУРИСТИЧКИ ГРАД, ВЕЛИ МЕРКОСтруга сака да има чисти паркови пред почетокот на летната сезона (Фото: СДК.МК)

    Со нови патишта и уредени и чисти паркови Струга ќе ги пречекува туристите ова лето. Градоначалникот Рамиз Мерко вели дека патната инфраструктура е битна за привлекување туристи, па затоа интензивно се работи на санација на улиците, како во градот, така и во приградските населби. Мерко најави и отворање на дополнителни паркинг места.

    Тој вели дека Струга ќе биде пример како треба да изгледа еден туристички град.

    „Пред три недели почнавме со работа на патот што го поврзува Борис Кидрич со Мороишта до Свети Спас. Ќе биде помеѓу подобрите патишта во руралните средини. Сега поинтензивно работиме и во централниот дел на градот, а во завршна фаза е и тендерот за атмосферска канализација за регионалниот пат, што можеби е работа на Агенцијата за државни патишта, но мораме да го средиме ние“, вели Мерко.

    Завршува и изградбата на патниот правец Подмолје-Струга, а до крајот на мај ќе заврши и средување на магистралата кон Ќафасан до селото Мали Влај. Нов пат се планира до селата Вишни и Горна Белица, како и поставување жичници, со што, според Мерко, Струга напоредно ќе развива и зимски туризам.

    „Тоа е услов за привлекување што поголем број гости. Жичниците ќе овозможат развој, со што ќе бидат искористени сместувачките капацитети како во Вишни и Горна Белица, така и во градот“, смета Мерко.

    Во пресрет на Самитот на Преспа, кој треба да се одржи во Струга, ќе се уредува и кејот на Црн Дрим, кој ќе се поплочува со природен мозаичен камен.

    „На Самитот на Преспа на 15 и 16 јуни ќе дојдат стотина амбасадори, претседатели на држави и премиери. Сакаме дотогаш да го уредиме десниот дел на кејот“, вели Мерко.

    Пред почетокот на сезоната ќе заврши и уредувањето на населбата Езерски Лозја, каде што се гради нова пешачка патека со зеленило, паркови и осветлување.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира