За Ленин Јовановски од Скопје, сопственикот на транспортното претпријатие „Слобода превоз“, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила дека преку вулгарна и навредлива објава на Фејсбук вознемирил маргинализирана група граѓани, за што е задолжен да ја избрише. Тој уште не постапил по препораките на Комисијата, рок има до 11 мај. Ако не ја тргне објавата, му се заканува постапка пред надлежниот суд за прекршоци.
КСЗД на 11 април годинава побарала тој на Фејсбук јавно да ѝ се извини на ЛГБТИ заедницата за тоа што го напишал, но до денеска тоа не го сторил.
Подносителот на претставката навел дека со објавата на 22 јуни 2022 Јовановски ширел ксенофобичен пишан материјал, кој промовира омраза против маргинализирана група, го повредува личното достоинство, предизвикал заплашување, одбивност, деградирање и понижување. Јовановски објави текст и видео со содржина која предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
Комисијата вели дека го цени уставно загарантираното право на слобода на уверување, слободата на совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и слободата на говор, но исто така предвид ја има и меѓународната судска пракса, пред сè праксата на Судот во Стразбур, која се однесува на практикувањето на овие слободи и нивно ограничување.
С. К. ДЕЛЕВСКА