Комесарот за зависности и дроги на германската влада се изјасни против рекламирањето на електронските цигари со вкусови, сметајќи дека целта на овој сектор се младите.
„Агресивното рекламирање електронски цигари со вкус на цреша или ментол ги охрабрува младите луѓе да пушат. Тие притоа се намамуваат со евтини електронски цигари за еднократна употреба“, изјави комесарот Буркхард Блајнерт.
Интернет огласувачите им нудат попусти на оние кои купуваат првпат и за купување големи количества и, според Блајнерт, тоа мора да се промени. Тој вели дека тутунската индустрија троши 250 милиони евра за рекламирање и спонзорирање.
Горниот дом на германскиот парламент го разгледува предлогот да се изврши притисок за забрана на електронските цигари за еднократна употреба во цела ЕУ, кои, всушност, треба да се третираат како електронски отпад.
Во Германија, електронските цигари смеат да се продаваат само на возрасни, додека тие стануваат сè попопуларни меѓу младите.