ТЕТОВСКИ СРЕДНОШКОЛЦИ СОБРАА ПАРИ И ОБНОВИЈА ТРИ СОБИ ВО ДЕТСКОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА

    ТЕТОВСКИ СРЕДНОШКОЛЦИ СОБРАА ПАРИ И ОБНОВИЈА ТРИ СОБИ ВО ДЕТСКОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦАСредствата за реновирање биле собрани преку неколку акции (Фото: СДК.МК)

    Осуммина средношколци од Медицинското и Економското училиште, кои се волонтери во Црвениот крст во Тетово, собраа пари и обновија неколку простории во Детското одделение во Клиничката болница во Тетово. Спроведувајќи ја програмата Промоција на хумани вредности (ПХВ), тие прво направиле истражување за проблемите со кои се среќава тетовската болница. Откако го лоцирале Детското одделение како простор на кој му треба реновирање, спровеле неколку акции за собирање парични средства, со кои ја набавиле потребната опрема. Тоа го извеле под менторство на инструкторка од Црвен крст.

    Учениците работеле под менторство на Ливета Арслани од Црвениот крст во Тетово (Фото: СДК.МК)

    „Учениците купија боја и ги бојадисаа ходниците, три соби и чекална во Детското одделение, набавија постелнина, завеси, пет инхалатори и две ваги. Средствата ги обезбедија преку организирање три работилници, на три локации во центарот на градот имаа штандови на кои продаваа ракотворби, организираа кино претстава, цртаа и продаваа слики, а обезбедија и неколку донатори“, изјави Ливета Арслани, инструкторка во Црвениот крст во Тетово.

    Во Тетово преку програмата ПХВ се вклучени 30 средношколци кои наставата ја следат на македонски и албански јазик. Тие се поделени во четири групи, кои имаат посебна задача. Една група реновира семејна куќа на социјално загрозено семејство, друга работи на набавка на два кислородни апарата за домашна употреба, а третата група работи со децата со попреченост во Дневниот центар во Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира