Обидот за легализација на две дивоградби, кои биле изградени на локации каде е плански опфат за гробишта, не помина на седницата на Советот на Општина Велес.
Во првиот случај тоа беше куќа, два објекта од 34 и 4 метри квадратни, на простор каде според Генералниот урбанистички план се муслимански гробишта. Барањето за легализација било поднесено 30 октомври 2018 година. Во вториот случај се барало легализација на станбен објект, во кој живеат три семејства со 250 метри квадратни корисна површина на три ката, која е на земјиште 26 и 14 квадратни метри. Просторот каде е изградена куќата е според Генералниот урбанистички план се православни гробишта.
Советниците изразија негодување на овие барања за легализација на дивоизградени објекти на простор каде се муслимански и христијански гробишта. Со гласање против и воздржани, овие два точки не поминаа.
И двата нелегално изградени објекти се во месноста Рамина. Таму пред 20 години се јави свлечиште, кое оштети стотина куќи. Стручњаците кажаа дека бројните дивоизградени објекти создаваат тежина поради која земјата се лизга.
П. ПЕЧКОВ