Интерпол почна голема операција за решавање на 22 убиства на жени кои се мистерија со децении. Во соработка со полициите на Германија, Белгија и Холандија, Интерпол ќе се обиде да го открие идентитетот на мртвите жени, кои се пронајдени таму во периодот меѓу 1976 и 2019 година.
Операцијата „Идентификувај ме“ почна со објавувањето на фотографиите од облеката и личните предмети на жртвите, како и со реконструкцијата на нивните лица.
Меѓу нерешените убиства во Германија се случајот со мумифицираното тело на жена пронајдено во Келн во 2001 и случајот од 1986 година, кога женски леш беше пронајден покрај автопат близу градот Хајлброн.
„Повеќето од 22-те жртви починале насилно, некои биле злоставувани и изгладнувани пред смрт. Идентитетот на жените не е познат, можеби и зашто потекнувале од други држави“, соопшти холандската полиција.
Истражителите сметаат дека телата можеби намерно биле оставени во Германија, Белгија и Холандија со цел да се збуни истрагата.
„Сакаме да нагласиме дека ги бараме имињата. Идентификацијата на жртвите е клуч за решавањето на случаите. Веруваме дека некои од убиените жени потекнуваат од источна Европа“, изјави портпаролката на Германската федерална полиција Ања Алендорф.