„Златен круг на времето“ е стихозбирката што ја објави Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола со препеви од своите ученици на некои од песните на великанот на македонската книжевност Ацо Шопов на англиски, германски, турски, дански и хрватски јазик. Промоцијата на книгата во Офицерскиот дом во Битола беше во рамки на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Шопов.
Песните ги препеаја ученици од четврта година од јазично-уметничката насока под менторство на професорката по компаративна книжевност Симона Петровска.
„Оваа книга ќе ни понуди можност еден ден со доволно знаење да им се вратиме на песните како преведувачи, наставници, критичари, како искусни лингвисти“, рекоа учениците кои ги работеа препевите.
Тие во рамки на средното училиште изучуваат и по три странски јазици.
Преку видеоврска на учениците им се обрати ќерката на Ацо Шопов, Јасмина Шопова од Париз, која им порача дека нејзиниот татко многу ги поддржувал младите и дека иднината е во нивни раце. Сакајќи да им укаже со какви големи проблеми некогаш се соочувале нивните врсници, им прочита дел од единствената книга проза што Шопов ја објавил „Дванаесетмината од сончевата колона на младоста“, посветена на стрелањето на ваташките младинци во 1943 година.
Настанот покажа дека меѓу младите сè уште има љубов кон поезијата и изучувањето на јазици како животна професесија.
„Горда сум на тоа што учениците од Гимназијата ги препознаваат и ценат вистинските вредности, но многу важно е и тоа што знаат да го ценат трудот на другиот и подадената рака на професорот и училиштето“, рече директорката Лидија Споа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА