Судијата Осман Шабани од Основниот кривичен суд Скопје денеска со првостепена пресуда ја ослободи поранешната министерка за култура и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска од обвинение во предметот познат во јавноста како „Тендери“. Таа во судењето што траеше скоро 6 години и кое повеќепати почнуваше од почеток, е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувањата.
Судијата Шабани пред да ја изрече ослободителната пресуда, прочита дузина точки од обвинението за кои кажуваше дека обвинителот не ги докажал. Застапник на обвинението што го поднесе поранешното СЈО е Стевчо Донев.
Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот на ВМРО и на македонската броба се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип, а Канческа-Милевска наложила „Бетон“ да продолжи со работата на партерното уредување на Музејот пред да се објави тендерот на кој добила оваа фирма. За истото дело беа обвинети и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова-Цветковска, членови на Комисијата за јавни набавки. И тие се ослободени од обвинението.
Канческа-Милевска е една од осумтемина пратенички и пратеници кои во 2018 се отцепија од ВМРО-ДПМНЕ и гласаа за уставните измени за промена на името Македонија со додавката Северна. Таа група се отцепи под патронство на Сашо Мијалков, чија братучеда беше меѓу тие осуммина пратеници.
Предмет по предмет на Мијалков му се вратија на повторно судење, а некои му застареа поради бавност на постапките. За еден доби ослободителна пресуда.
Дел од тие осум пратеници беа и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски (кои ја отворија собраниската врата при организираниот напад на Собранието на 27 април 2017) и Љубен Арнаудов. Тројцата беа амнестирани и за нив престана кривичното гонење за организираниот напад на Собранието.
Со овие осум беше и Владанка Авировиќ, чиј син се спаси од затворска казна во предметот „Труст“ со осудениот Сеад Кочан.
С. К. ДЕЛЕВСКА