ИСТОРИЈАТА НЕ СЕ ЗАБОРАВА ТАКА ЛЕСНО, ВО ВЕЛЕС ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА „80 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ“

    ИСТОРИЈАТА НЕ СЕ ЗАБОРАВА ТАКА ЛЕСНО, ВО ВЕЛЕС ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА „80 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ“Изложбата се состои од 19 паноа, на кои се претставени 70 фотографии и 110 архивски документи, кои обработуваат три различни временски периоди од историјата на Еврејската заедница во Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Изложбата „Македонија памети. Никогаш да не се повтори!“ организирана за 80 години од Холокаустот на македонските Евреи и Светскиот ден на музеите, е поставена во Ликовниот салон во Велес. Подготвена е од Државниот архив на Македонија и Институот за национална историја. Се состои од 19 паноа, на кои се претставени 70 фотографии и 110 архивски документи, кои обработуваат три различни временски периоди од историјата на Еврејската заедница во Македонија.

    „Изложбата претставува заеднички институционален научно-истражувачки проект преку кој Државниот архив и Институтот за национална историја земаат директно учество во одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на Евреите од Скопје, Битола и Штип во логорот во Треблинка, на територијата на окупирана Полска. Државниот архив вклучувајќи се во сите јубилејни одбележувања за историските процеси е тука да нѐ потсети декаисторијата не се заборава така лесно и едноставно. Тука е да нѐ потсети дека постои за да истражуваме и пишуваме“, кажа д-р Јасмина Дамјановска раководителка на Одделение за публикување на архивски материјал.

    Таа потсети дека процесот на депортацијата е забележан и во Велес каде до 1943 живееле две еврејски семејства, семејството Бити познати аптекари и семејството Кова, кое било депортирано во логорот Треблинка.

    Од денешното отворање на изложбата. (Фото: СДК.МК)

    Семејството Бити благодарение на својата професија биле ослободени од бугарските власти, односно потребни како аптекари и лекари, иако биле уапсени, биле вратени во Велес. За семејството Бити познато е дека се преселило во Израел во 1948 и повеќе нема податоци за нив.

    Автори на оваа изложба се проф. д-р Лина Жила од Институтот за национална историја, проф. д-р Александар Манојловски од Институтот за национална историја и Гоце Стојановски од Државен архив, подрачно одделение Битола.

    Со изложбата Народниот музеј од Велес го одбележа 18 мај Светскиот ден на музеите.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира