ДРЖАВАТА ГИ ЗАБОРАВИ БОЛНИТЕ СО МЕХАНИЧКА ПОДДРШКА НА СРЦЕ, ПО ТРИ ГОДИНИ ВЕТУВАЊА ТИЕ СÈ УШТЕ ПЛАЌААТ ЗА ЛЕКУВАЊЕ

    ДРЖАВАТА ГИ ЗАБОРАВИ БОЛНИТЕ СО МЕХАНИЧКА ПОДДРШКА НА СРЦЕ, ПО ТРИ ГОДИНИ ВЕТУВАЊА ТИЕ СÈ УШТЕ ПЛАЌААТ ЗА ЛЕКУВАЊЕ„Имаме впечаток дека во оваа држава сè се ветува, а ништо не се остварува“, вели Васко Јолески, претседател на Здружението „Храбро срце“. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство не ги ослободи пациентите со механичка потпора на срце од партиципација за здравствените услуги. По тригодишните преговори и надежи дека нема да плаќаат за прегледи и лекување, здравствените власти сè уште немаат слух за нивните проблеми. Пациентите добиваат само ветувања, но не и ослободување од партиципацијата која за смена на една батерија ги чини 100 евра, а исто толку трошок имаат и за каблите кои им го поврзува срцето со уредот, а кои по неколку години користење се оштетуваат.

    Од Здружението на пациенти со механичка потпора на срцето и нивните поддржувачи „Храбро срце“ велат дека дека се разочарани оти трошоците за лекување се големи, а повеќето од пациентите поради болеста се спречени редовно да одат на работа.

    „Трошоците се преголеми дури и за оние кои се добро ситуирани, а во нашето здружение ниту еден не е така добро ситуиран да може да ги поднесе тие трошоци. За жал сè што беше ветено претходно е заборавено, не е остварено. Добиваме впечаток дека во оваа држава сè се ветува, а ништо не се остварува. Многу полесно им е да сменат кадат отколку да го исполнат ветеното“, вели Васко Јолески, претседател на Здружението „Храбро срце“

    Јолески додава дека се работи за околу 15 пациенти што за државата и не е така голем трошок. Вели дека ќе бараат повторна средба со новиот министер за здравство Фатмир Меџити.

    „Не е голем трошок за буџетот на државата, односно не е ниту забележителен, бидејќи нашите прегледи не се толку чести. Тие батерии,тие уреди нас ни значат живот и доколку тие запрат ние не би можеле да живееме. Затоа треба надлежните озбилно да ја сфатат работата и сериозно да пристапат кон решавање на проблемот“, вели тој.

    За трансплантација на срце кај пациентите со механичка поддршка потребна е и државна логистичка поддршка и искуство од стручни лекари надвор од државата.

    „Тој лекар би требало да е тука во рок од 4 часа кога би имале потенцијален сроден донор. Тоа би можело да се изведе само со чартер-лет или со хеликоптерска поддршка на Центарот за справување со кризи или армискиот хеликоптер. Значи сето тоа е изводливо само доколку државата ни излезе во пресрет“, вели Јолески.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира