САД и сојузниците го прекорија Косово за денешната ескалацијата на тензиите со Србија, велејќи дека употребата на сила за поставување градоначалници во областите на етничките Срби ги поткопа напорите за подобрување на проблематичните односи со соседна Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја стави армијата во целосна борбена готовност и им нареди на единиците да се приближат до границата, по денешните судириммеѓу косовската полиција и демонстрантите кои се противат на градоначалниците етнички Албанци. Полицијата употреби солзавец во градот Звечан за да ја растера толпата која се обидуваше да го спречи новоизбраниот градоначалник да влезе во неговата канцеларија, откако гласањето во април беше бојкотирано од мнозинството косовски Срби во четири северни општини во близина на границата со Србија.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен ја критикуваше владата на Косово за насилно пристапување до општинските згради и го повика премиерот Албин Курти да го смени постапувањето. Во изјавата, Блинкен рече дека дејствијата на Косово биле против советите на САД и Европа и дека „остро и непотребно ги ескалирале тензиите, поткопувајќи ги нашите напори да помогнеме во нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ќе има последици за нашите билатерални односи со Косово“.
Велика Британија, Франција, Италија, Германија и САД објавија заедничка изјава во која ги повикаа косовските власти да се повлечат и да ја деескалираат ситуацијата.